Почитувани градоначалници, драги советници, претседатели на совети, членови на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, драги сопартијци, аналитичари, експерти, почитувани граѓани!

Честа е огромна да се отвори овој политички саем кој треба да биде едно резиме, еден сублимат на тоа што затекнавме, но и што направивме за овие 365 дена како локална власт. Пред точно една година кажав дека добиената обврска од граѓаните да се управува со општините за мене претставува најголемата должност да се оправдаат очекувањата, изјави денеска во своето воведно обраќање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на првиот политички саем на кој ќе бидат презентирани отчетите на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека ова прашање не е е само едноставна преземена обврска, туку и прашање за чист образ.

– Затоа што најсветото нешто што еден човек го добива од своето семејство е името, честа, воспитувањето кое го стекнува и чистиот образ. Ако тоа наследство го оштетите, тогаш не само што поединецот се губи како човек, туку и го навредувате вашето потекло, вашето име, чест и образ. Ако ова го нема човек, тогаш ништо нема, а за нас десничарите, традицијата, корените и семејството, но и чистиот образ, се темелот во кој веруваме. Нешто по што се разликуваме од останатите. 12 месеци подоцна, по многу часови напорна работа, по многу непроспиени ноќи поминати во комуникација со градоначалниците, по многу пот, пожртвувана работа, посветеност, можам да кажам дека сум задоволен од она што се постигна. Најголемата придобивка е што се чувствуваат промените што носат иднина. И тие се малата, но многу значајна надеж дека може поинаку. Започнавме да градиме една поинаква слика и покажуваме со дела дека може поинаку, може подобро и може чесно, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека помина година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови во општините кои беа блокирани, со многу почнати нови проекти, но и еден поинаков однос кон решенијата.

– Проблеми кои се решаваат заедно со граѓаните. Срушена е бариерата која со децении постои помеѓу граѓанинот и политичарот. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ можете да ги видите по парковите, градилиштата, маалата, улиците, достапни за народот. Очи в очи да разговарате, да дебатирате, да критикувате. И знам дека не може да се решат сите проблеми, ниту пак тоа го ветивме, но затоа се трудиме со сите сили да решиме што е можно повеќе проблеми и да не заборавиме ниту за миг сè што ветивме. И сево ова постигнато во услови на тешка економска и политичка криза, на грчевита борба и опструкции од централната власт, во еден, би рекол не само ладен, туку отворен непријателски однос на владата кон општините кои се соочуваат со катадневни опструкции, кратења на фондови, одземање на помош, нерешавање на проблеми. И ова не го кажувам да се оправдам за што било, туку да кажам дека ваквите неправди нè мотивираа да работиме повеќе и попостојано. А тоа го потврдуваат резултатите. И многумина знаат да речат еве го Мицкоски е најистурениот градоначалник, па дури и забележуваат затоа што одам со градоначалниците при реализација на проектите, зошто толку се интересирам за остварување на тоа што се работи. Па да одговорам на сиве овие работи, појасни Мицкоски.

Мицкоски додаде дека се на вистински пат ако главната забелешка е зошто заедно со градоначалниците работи да се реализираат проекти за народот.

– Ако главното што можат да искритикуваат е тоа што имам непроспиени ноќи и часови и часови работа посветено на остварување на ветеното, тогаш можам да кажам дека сме на вистинскиот пат. Затоа што како што на почетокот посочив она што нема цена се чистиот образ и честа кои треба да се бранат со дела. Секој збор од овие програми ветени пред граѓаните го бранев на изборите лично јас, со моето име и мојот кредибилитет. И немам намера да избегам ниту милиметар од тоа што го ветив и затоа сум најмногу заинтересиран да не го разочараме народот и затоа и тие малкумина загрижени кои ги даваат ваквите забелешки треба да знаат, заедно со градоначалниците ќе ме гледаат уште многу на отворања и градба на нови улици, паркови, водоводи, нови канализации и училишта, на многу нови проекти и реализирани ветувања. Затоа сум задоволен од постигнатото, а најмногу што го одржавме зборот. Промените се гледаат во резултатите и во делата, дециден е тој.