Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на одбележувањето на почетокот на работата на вториот производствен погон на фабриката Киел Македонија во ТИРЗ Тетово. Тој порача дека одлуката на компанијата за инвестирање не само што е мудра туку и навистина смела одлука да се инвестира во државата. Па најави дека една од првите мерки во првите 100 дена од новата влада ќе биде намалувањето на даноците на профит
Во едни вакви тешки времиња би рекол дека не само што е мудра, туку и навистина смела одлука да се инвестира во државата. И во таа смисла јас како човек кој за скоро очекувам да ја добијам парламентарната поддршка за водење на идната влада имам изразена намера да придонесам и активно поддржам секаков процес кој ќе значи нови работни места, повеќе пари во македонската економиjа, успешни бизнис приказни кои ќе ја потврдат мојата искрена намера преку инвестиции, преку развој и технолошки прогрес да ја враќаме државата на народот, контролата во негови раце и да создаваме среќна иднина за сите, изјави Мицкоски.
Целосно сум свесен за предизвиците кои престојат и реформите кои мора да се преземат. Корупцијата и борбата против криминалот ќе биде нашиот примат и секој инвеститор мора да биде стопроцентно уверен дека државата ја гарантира заштитата од неморални и коруптивни притисоци и настојувања. Никој не смее да биде над законот, исто како што никој не смее да помисли да ја одземе иднината и работите кои ја создаваат иднината.Новата влада ќе биде партнер на стопанствениците.Заедно да создаваме и да придонесуваме за подобар живот.Јас сум за што повеќе инвестиции кои го зголемуваат животниот стандард, а ова е борбата за подобар живот на сите граѓани., изјави Мицкоски.
Македонија се сака со дела и тоа е најдобриот одговор за сите кои во политиката прават етнички поделби, креваат ѕидови и создаваат омраза.Да имаме натпревар на идеи, наместо натпревар во шовинизам и радикализам.Со работа, со решенија и креирање конкретни работи се сакаат и се бори за благосостојбата на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите останати.Една од првите мерки во првите 100 дена од новата влада ќе биде намалувањето на даноците на профит. На тој начин ќе се помогне на бизнисот и ќе се обезбедат повеќе пари во економијата.Ќе има кратење на административните процедури и отстранување на бариерите кои го попречуваат бизнисот.На крајот дозволете ми да им честитам на инвеститорите за храбрата одлука, во мене гледате човек кој сака да ви помогне и заедно да направиме Македонија да биде подобро место за живеење. За сите вас, изјави Мицкоски.