Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со амбасадорот на Чешката Република во Македонија, Јарослав Лудва, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

-Претседателот Мицкоски укажа на загриженоста за агресијата врз Украина и потенцираше дека тоа носи страдање и човечки жртви кои треба да престанат, и да се даде шанса на дипломатијата која треба да биде средство за решавање на споровите помеѓу државите. Претседателот Мицкоски зборуваше и за спорот со Бугарија при што посочи дека не смее да се задира во македонските идентитетски обележја, јазик и историја, како и дека тие треба да се обезбедат гаранции од Брисел дека нема да има повеќе пречки на нашиот пат кон ЕУ, истакнаа од партијата.

Мицкоски ја повтори благодарноста за поддршката која што нашата земја ја има од Чешката Република на патот кон ЕУ, а взаемно беше констатирано дека односите меѓу двете држави треба да се продлабочуваат и во иднина, додаваат од таму.