Но, тоа чувство е се додека бескрупулозноста на тие кои владеат со државата влегува во нашиот двор со намера да ни ја украде иднината на сите, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој вечерва од Долни Сарај во Охрид се обрати по повод празникот 23-ти Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба.
–Мартин Лутер Кинг велел „нашите животи завршуваат оној ден кога ќе останеме тивки за прашањата кои нѐ засегаат“. Во овие моменти тивкоста е работа која им помага на тие поради кои сме тивки и затоа е потребно да сме гласни. Гласноста за работите кои ни се важни не детерминираат за тоа каков карактер сме и не е вистина дека Македонецот молчел затоа што тие кои ова ви го велат ги демантира еден Методиј Патчев или Христо Узунов кои направиле саможртва за нашата слобода, или острото перо на Пулевски, или пак епопеите на Прличев за мајката Неда, за Кузман Капидан кои сведочат за беспрекорниот отпор на Македонците низ времињата, но и за нашите страдања поради она што сме и ќе продолжиме да бидеме. Затоа денес, тие кога сакаат да молчиме, треба да знаат дека ќе зборуваме и ќе бидеме гласни, рече Мицкоски.
Ова, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, не е моја борба, тука наша борба за заедничката иднина.
–Ви велам креваме глава кога тие сакаат да бидеме со спуштени колена. Одлучивме да се бориме, затоа што имаме еден значаен мотив повеќе, а тоа новата иднина. Новата иднина е долгот на нашите предци, но и обврска за новите потомци. Новата иднина е нашиот сон овие 30 години за Македонија каква сакаме да ја имаме. Новата иднина е надежта заокружена од секој еден од вас на референдумот таа 91-ва, тој 8 септември. Сетете се на тоа моќно чувство дека сте дел од нешто, дека сте дале нешто за нашата земја, а за жал години потоа не сте добиле ништо. И дека време е, конечно време е денес државата да ви врати вам. Новата иднина е исправање на неправдите, ослободување на стегите на ова наше општество. Победа над стравовите, победа над делбите на наши и ваши, леви и десни. Новата иднина е да работиме, да се креваме тогаш и кога паѓаме. Да постигнуваме резултати, да градиме, да создаваме. Да го заштитиме нашето, да се бориме за она во што веруваме. Новата иднина е да го ослободуваме потенцијалот на слободната индивидуа, ова општество да се потпре на способните, напредните. Оваа држава има кичма да се исправи и има ум да оди напред. Новата иднина е прагот од кој ќе почне да се остварува сонот за Македонија. Нашиот заеднички сон.