Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски случувањата во Битола ги оцени како провокација по која не гледа начин како понатаму да се продолжи со разговорите со Софија.

Претседателот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја повика Меѓународната заедница и Брисел да направат притисок врз Бугарија, и како што рече, да стават крај на неевропските егзибиции на официјална Софија, со што конечно ќе и се овозможи на Македонија да ги отпочне преговорите. Тој одговарајќи на новинарско прашање поврзано со отворањето на клубот „Вачно Михајлов“ во Битола повтори дека бугарскиот премиер Петков прво што треба да направи е да отвори најмалку два вакви клуба во Благоевград и Сандански за Македонците кои живеат во Пиринска Македонија.

-Јас после оваа провокација и овие изјави дадени овде во Македонија навистина немам што да додадам, освен со чудење да констатирам дека не знам кој е тој политичар или историчар кој ќе седне на маса заедно со неговите колеги од кај нашиот источен сосед и да продолжи да преговара за постигнување договор барем до јуни. Ако ова е да си најдат некаков изговор зошто повторно да ја блокираат Македонија, тогаш се прилично успешни, рече Мицкоски.

Според лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села беспотребно се комплицираат односите меѓу Скопје и Софија. За отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ вели дека ваквиот чекор не помага за деблокада на евроинтеграциите. Тој кажа дека треба да се признаат малцинствата и во Македонија и во Бугарија.

Вчера претседателот на државата Стево Пендаровски оцени дека отворањето на клубот во Битола со името Ванчо Михајлов не придонесува за зближување на народите и културите, и дека изјавите на бугарските политичари ги минимзираат пораките за добрососедство.

Премиерот Ковачевкси, пак, смета дека Владата и јавноста очекуваат реципроцитет во пристапот со Бугарија, а Ванчо Михајлов го нарече контроверзна историска личност која во Македонија е дожививана на различен начин.