Премиерот Христијан Мицкоски го изрази својот оптимизам во пресрет на парламентарните избори во Бугарија, посакувајќи успех на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов. Мицкоски го гледа Борисов како подобар партнер за решавање на билатералните несогласувања во споредба со останатите бугарски лидери и смета дека изборот на ГЕРБ ќе биде поитивен чекор за стабилни односи меѓу двете земји.

Поддршка за сестринските партии во Европската народна партија

Во својата изјава, Мицкоски истакна дека неговата поддршка за Борисов и ГЕРБ е природна, со оглед на тоа што и ВМРО-ДПМНЕ и ГЕРБ се дел од истото политичко семејство во Европската народна партија (ЕПП). Според него, би било нелогично да поддржи политички опции надвор од оваа соработка.

  • „Со партијата ГЕРБ, која ја води Бојко Борисов, сме дел од истото семејство во Европската народна партија, и затоа е логично да посакам успех на уште една партија од нашето политичко семејство. За разлика од некои други лидери во ЕПП, јас не би соработувал со левичарски опции, како што се случуваше во минатото,“ изјави Мицкоски.

избори-бугарија-борисов

Изборите во Бугарија: Обид за стабилна влада

Утре во Бугарија ќе се одржат седми по ред парламентарни избори во последните три години, во услови на политичка нестабилност и длабока поделеност. Главните партии ќе се обидат да формираат стабилна коалиција, иако анкетите покажуваат дека ова ќе биде предизвик. Според последните предвидувања, ГЕРБ на Борисов има околу 10 проценти предност пред своите ривали „Продолжуваме со промените“ и проруската „Преродба.“

  • „Политичарите се должни на народот да обезбедат стабилност и безбедност преку влада со полн четиригодишен мандат. ГЕРБ ќе направи сè што е во наша моќ за формирање кабинет што ќе ја врати стабилноста,“ порача Борисов на завршниот митинг пред изборите.

Нема промени во ставовите за уставните измени

И покрај оптимистичките најави од некои политички кругови во Македонија дека уставните измени би можеле да започнат во декември, Мицкоски останува на веќе познатиот став. Тој повтори дека измените ќе станат ефективни само кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор на Македонија во Европската унија.

  • „Нашата позиција за уставните измени е јасна и непроменлива. Кога Бугарија ќе о ратификува пристапниот договор, тогаш ќе се спроведат уставните измени, што е фер решение за сите,“ нагласи Мицкоски, додавајќи дека нема простор за никакво поместување во ставовите.

Откажување од писмото до Европската унија

Мицкоски потврди дека се откажува од намерата да испрати писмо до Европската унија во врска со билатералните условувања од Бугарија. Тој изјави дека сите прашања веќе биле разговарани со лидерите на ЕУ, вклучително и со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, и дека писмото не би додало ништо ново на разговорите.

Планови за билатерални односи

Мицкоски нагласи дека односите меѓу Македонија и Бугарија ќе продолжат да се градат на основа на дијалог и почитување на меѓусебните интереси. Тој изази надеж дека по изборите во Бугарија, двете земји ќе можат да соработуваат поблиску за надминување на несогласувањата.