„Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, изминативе сега би рекол во декември веќе шест години, крајот на декември, го одбрав патот подобро да биде тешко отколку да биде срамно. И кога изминативе години ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ги предводев во изборните трки имаше различни емоции и различни очекувања“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервјуто дадено за „Република“.

Тој посочи дека никој не очекуваше дека во 2019-тата година на претседателските избори ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг ќе беше озбилно конкурентна. Гласовите помеѓу Силјановска и Пендаровски беа скоро изедначени во првиот круг. И во вториот круг граѓаните знаат се случи инженеринг од страна на власта кога на денот на изборите ги повикуваа гласачите да гласаат. Но сепак се зголеми историски потенцијалот на ВМРО-ДПМНЕ до 380.000 гласа.

„Потоа дојдоа оние корона избори каде имаше голема злоупотреба, но сепак ВМРО-ДПМНЕ ја има најголемата пратеничка група во Парламентот“, заклучи Мицкоски.

„Па потоа дојдоа и локалните избори кога бевме според општата јавност би рекол аутсајдери, така беа и најавите. Зоран Заев велеше дури и дека ќе не прегазел, најавуваше бројки во првиот круг 22 градоначалника, дека ВМРО-ДПМНЕ би имал 5-6 итн. Па, така се случи спротивно ВМРО-ДПМНЕ освои историска победа што никогаш не се случило“, потсети претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека денеска да улогата на фаворит на следните избори ја има ВМРО-ДПМНЕ, но сепак многу е внимателен затоа што не сака да се поткреваат очекувањата.

„Ние треба сега да имаме кампања во која што ќе ги повикаме граѓаните на мобилизација и на масовност на следните избори бидејќи следните избори се референдумско изјаснување“, порача Мицкоски.