На покана на директорот, на заменикот директор, на луѓето овде во Агенцијата за катастар на недвижности разговаравме за сите овие би рекол реформи коишто се прават, сите овие поевтинувања коишто се прават и коишто се важни за граѓаните и од тоа што го слушнав од директорот можам да заклучам две работи. Првата работа е дека услугите за четири, пет, шест па и повеќе пати поевтинуваат за граѓаните, Вие слушнавте од директорот дека до милион евра годишно ќе остануваат во паричниците на граѓаните, тоа е многу важно да се напомене дека услугите за четири, пет, шест па и повеќе пати за граѓаните ќе поевтинат, рече премиерот Христијан Мицкоски.
-Втората работа којашто исто така е многу важна, дека катастарот полека но сигурно се ослободува од криминалот. Забележавте дека илјадници предмети биле не решени, директорот е скромен и не сака да каже можеби детали коишто допрва органите на редот и истражните ќе треба да се позанимаваат, но верувајте дека ќе има многу за истрага. Ценам дека сето она што во минатото било предмет на поинаков однос со граѓаните и поради тоа се создавала таа гужва, односно не биле решавани предметите, многу скоро ќе излезе на виделина и ќе бидат истите тие решени, иако сега илјадници предмети во овие помалку од два месеца веќе добиваат разрешница, нормално согласно важечките прописи, закони и Устав. Така што овие две работи се многу важни, дека четири, пет, шест па и повеќе се намалуваат услугите за граѓаните и она коешто е важно е дека катастарот полека но сигурно се ослободува од криминалот, како што впрочем и се ослободуваат сите институции со доаѓањето на новата Влада, главен приоритет е борбата против криминалот и корупцијата којашто е на ниво на безбедносна закана, рече тој.
Мицкоски посочи дека се додека имаме високо ниво или перцепција за криминал и корупција ние не можеме да се развиваме како држава.
-Да го охрабрам директорот, раководството, сите овде коишто се дел од новиот раководен тим на катастарот да продолжат со ваков тип на реформи и да работат во интерес на граѓаните, бидејќи граѓаните се тие коишто се најважни, се останато е од споредна природа, истакна премиерот.