„Ми велеа дека е невозможно да се поместат работите кои ја влечат општина Бутел надоле во уште подлабоки проблеми. Но, оваа година што измина покажавме дека има надеж и дека чесно и одговорно со многу труд и работа можат да се случат промените“, изјави во своето обраќање градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски во кампањата „Промените на дело“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ.
Костовски додаде дека Општина Бутел донесе буџет дизајниран според реални потреби на граѓаните со многу решенија за годината во која се влегува со многу ентузијазам и големи планови.
„Добро е да се знае дека секое населено место во општина Бутел ќе добие модерни, урбани спортско рекреативни центри. Томче предложи и тој проект го прифативме за реконструкција на уличното и поставување на ново ЛЕД осветлување во општина Бутел. Но, заедно оваа година ќе продолжиме со инвестиции во образованието, нови паркови и зелени површини“, нагласи градоначалникот на општина Бутел.
Тој посочи дека ќе има инвестиции во спортот и спортската инфраструктура. Ќе се асфалтираат над 30 улици, ќе се изградат нови водоводи и канализации.
„Покажавме дека промените вредат и тие се реалност. За општина Бутел каква што секој од вас заслужува“, укажа Костовски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нагласи дека изминатата година општина Бутел инвестираше повеќе од 70 милиони денари за развој и тоа во време во една од најтешките кризи.
„Покажуваме на дело дека ги менуваме работите, покажуваме разлика која граѓаните ја сакаат и дека нивниот глас вистински вреди затоа што работиме според нивните барања и потреби. Изминатата година општина Бутел инвестираше повеќе од 70 милиони денари за развој и тоа во време во една од најтешките кризи, во време на целосно кочење и опструкција на централната власт“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека оваа година ќе се инвестираат рекордни 120 милиони денари за развој на општина Бутел.
„Конечно општината ќе добие ново речно корито на река Серава со нова трим патека и партерно уредување. Колку владата повеќе работи против својот народ и ги казнува општините, ние имаме поголем мотив да сработиме за граѓаните. Следува година на промени и година на нови проекти и победи. Затоа што нашата борба е да решиме што повеќе проблеми и создаваме иднина, промените на дело“, истакна Мицкоски.