Тоа беше обична фотосесија во Брисел, и, за жал, после таа фотосесија, единствен губитник ќе биде Македонија, македонскиот народ и граѓаните во Македонија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за весникот „Вечер“ зборувајќи за првата меѓувладина седница.

Дури и Албанците во Македонија нема да одат напред, ќе одат Албанците во Албанија затоа што тие ќе си преговараат, ќе си ги отворат кластерите, и зависи сега од нив со која брзина ќе напредуваат. Но Албанците во Македонија, македонскиот народ, повторно ќе бидеме во ходник и ќе седиме на магарешка клупа и ќе чекаме некој нов услов да се исполни, а тоа е условот промена на Устав, а дури потоа да ни биде поставена преговарачката рамка, вели Мицкоски.

АКО ПАДНЕ УСТАВОТ, ЗАВРШУВА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ

Министерот Османи е речиси уверен дека по првата конференција во Брисел, во предвидениот рок ќе се премине и на втората седница, за што услов е да се случат уставните измени. Тој е убеден дека измените во Преамбулата ќе се случат, а во исто време Вие сте сигурни дека нема да се соберат потребните 81 пратеник, со оглед дека сте децидни дека вашите пратеници нема да гласаат. Како нотарските изјави ќе бидат гарант дека некој нема да го смени мислењето, да речеме да биде уценет и да гласа за?

Едноставно сум сигурен, имам полна доверба во тие луѓе дека нема да се случи промената на Уставот, затоа што помина времето на притисоци и на уцени, и убеден сум во капацитетот на овие луѓе дека ќе истраат и ќе опстојат на својот став да не гласаат за промена на Уставот бидејќи тоа е последниот браник на македонскиот идентитет. Затоа што падне ли Уставот, помине ли преговарачката рамка, завршува македонскиот идентитет.