Ова можеби се само локални избори, но ако се погледне подлабоко овие локални избори се многу повеќе од тоа. Од овие локални избори зависат многу работи, сите поврзани со иднината на нашата Македонија. Изборот е едноставен, на овие избори или ќе продолжи корупцијата, криминалот, хаосот, немањето правда, стагнација на државата, експерименти во образованието, пропаѓање и нехуман однос кон земјоделието или ќе создадеме сите заедно една нова поинаква, различна, подобра иднина – порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред граѓаните на митинг во Струмица.

Мицкоски потенцираше дека прашањето коишто треба да си го постават и одговорат граѓаните е дали се подготвени да им дадат нови четири години на СДСМ, за кои, како што рече, ги изневериле и излажале граѓаните, не држеле до зборот, краделе и лажеле.

Прашањето на кое сите ние треба да одговориме на овие избори е, дали сме подготвени да им подариме уште нови четири години на истите луѓе кои веќе два пати до сега ги изневерија очекувањата, не држеа до зборот, даваа лажни ветувања и потонаа опиени во својата моќ и ароганција, во корупција, играјќи си со вашите животи. Дали навистина сметате дека се најдоброто во државата? Дали Струмица и струмичани живеат најдобро.

 

Одговорот на овие прашања заедно со нивната ароганција која му пречи на народот е содржан во нивниот слоган. Зоран Заев 52 месеци го возат во службени лимузини, 52 месеци семафорите се палат и гасат за Зоран Заев, 52 месеци ги злоупотребува привилегиите на власта. А што има за возрат направено? За народот нема ништо – истакна Мицкоски.