Македонија не е само во енергетска, туку и во економска криза. Инфлацијата е двоцифрена, сиромаштијата галопира, додека стандардот опаѓа. Тезата на владата е дека секаде е криза и ова мора да се издржи, морам да кажам дека е паушална и генерална. Навистина кризата е сеприсутна во глобални рамки, но суштината е дека последиците во Македонија се разорни. Двојни цени на производи, обезвреднети плати, раст на невработеноста и компании кои штотуку не ставиле клуч на вратата- ова е сликата за денес во Македонија, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Мицкоски:
Само да потсетам дека годишната стапка на инфлација во септември достигна 18,7%, што не става меѓу земјите со највисока инфлација во Европа. Храната за само една година ни поскапе за 30%, најмногу, за двојно повеќе поскапе лебот и маслото, млекото, сирењето за 36%, а месото за над 26%. Трошоците за домување се пораснати за речиси 20%. Наместо замрзнување на цените на основните производи, наместо континуирано ослободување од ДДВ за истите производи, наместо преполовување на акцизата за нафтените деривати како што баравме ние како опозиција, наместо таргетирано субвенционирање на производителите на основни прехранбени производи во делот на зголемените трошоци при замрзнати цени, во новиот пакет нема никакво решение како ќе се заузда растот на цените на храната и како ќе се стабилизираат трошоците за домување.
Македонските граѓани плаќаат најскапа струја споредено со граѓаните на другите држави во регионот. Далеку поевтина струја од граѓаните во Македонија плаќаат граѓаните во Србија, БиХ, Турција, Косово, Црна Гора.
Она што вчера владата го нарече “нов пакет мерки за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани, пензионери и компании”, е недоволен, симболичен и преставува само гол маркетиншки трик за замајување на јавноста дека нешто се прави, додека компаниите затвораат, а стопанството полека но сигурно умира.
Дозволете пред да поминам на главната поента на денешниот прес да се осврнам на самиот пакет на мерки.
Прво добро е што Владата го прифати мојот предлог и е на пат да профункционира за набавка на енергенси кои се потребни за намалување на последиците на кризата, и што се согласи да го прифати предлогот што го дадов јавните водоводни претпријатија, тие тоа го нарекуваат мерни пумпни станици, здравствените установи и школите да влезат на регулираниот пазар за струја. Така ќе бидат спасени огромен број на работни места, а исто така ќе биде спасен и стандардот на граѓаните бидејќи нема да плаќаат повисоки цени за вода и за сите оние производи кои што зависат од влезната цена на водата во финалниот производ .
Но ова не е доволно. Актуелниот пакет не ги решава останатите проблеми.
Второ, мерките од планот наликуваат на оние од ковид кризата кои апсолутно на ниту еден начин не го заштитуваат животниот стандард на граѓаните и не ги решаваат проблемите со кои се соочуваме како земја.
Трето, нема детален план со буџетски пресметки за секоја мерка. Ова наликува на милијардите на претходникот на Ковачевски кој помпезно ги најавуваше на прес конференција, кои не беа реализирани во проекти.
Следно, нема никаква конкретна поддршка за бизнисот и извозниот сектор кој е силно погоден од енергетската криза. Ќе ве потсетам денеска компаниите во Македонија плаќаат осма најскапа струја во Европа, а пред само пет години плаќаа четврта најевтина струја во Европа. Тоа се резултатите, тоа е животот кој што го донесоа. А резултатот од тоа е затворање на производните капацитети, што веќе го гледаме во реалноста.
Последиците допрва ќе ги почувствуваме преку намалување на извозот и девизните приливи, отпуштање на вработени, намалување на инвестициската активност, намалување на буџетски приливи кои државата ги има од нив.За илустрација Хрватска помогна со пакет вреден 2.8 милијарди евра.
Сумирано, ¾ од наведената сума на новиот пакет не се однесува на мерки, не се однесува на помош на граѓаните и компаниите. Мал е износот на средства за мерките кои се насочени кон најранливите категории граѓани. Но, овие мерки во вид на финансиска помош доаѓаат по високиот ценовен удар и силното осиромашување на населението. Зошто? Само поради една причина, неспособната, неподготвена и неозбилна Влада која ни ја води економијата и државата.
Вистинскиот лек за народот, за бизнисот, за инфлацијата и за енергетската криза го немаше во вчера објавениот пакет на мерки. Повторно нема ништо за тоа како домашно ќе ја стабилизираме цената на струјата, како на среден рок ќе се справиме со енергетската криза. Инфлацијата е силно условена од порастот на цената на струјата којашто фирмите ја пренесуваат на финалните производи.
Затоа денес сакам да предложам нов пакет на мерки, да продолжиме со проактивната улога како најголема политичка партија, и најодговорна политичка партија во Македонија иако сме опозиција и за жал инструментите се во раце на луѓе кои што се неодговорни и неспособни ова да го спроведат. Затоа овој пакет мерки ќе е насочен кон стопанството, компаниите и кон граѓаните чии работни места ќе бидат сочувани.
Би ги замолил официјалните лица во Владата веднаш да не истрчуваат со коментари и да ги одбиваат. Нека размислат. Да не биде како претходниот предлог две недели да се играме дојдете овде, не овде, дојдете вие овде. Туку да седнат, да размислат што предлагаме, затоа што сето ова го предлагаме ќе значи зачувување на работните места, ќе значи ублажување на последиците врз стандардот на граѓаните.
Имено, прво предлагаме вишоците кои што ги произведува поранешно ЕЛЕМ, денешно АД ЕСМ на струја кои што се јавуваат во текот на ноќта и викендот да бидат отстапени на стопанството по цена која што е производна за поранешна АД ЕЛЕМ, денешно АД ЕСМ. Според нашите калкулации таа цена нема да надмине вредност од 80 евра за мегават на час. А, периодот на апликација на оваа мерка да биде од први ноември 2022 година и се до крајот на кризната состојба, 30-ти април 2023 година. А, потоа ќе се продолжува во зависност од новата реагулација на состојбата која што се случува и во Македонија, но и во Европа.Значи вишоците произведени од поранешна АД ЕЛЕМ, денешно АД ЕСМ кои што на струја, кои што не би требало да надминуваат цена поголема од 80 евра за мегават на час да бидат ставени на користење на стопанството во следните шест месеци почнувајќи од први ноември 2022 година, според нашите пресметки станува збор за од прилика 200 до 250 илјади мегават часови. Доколку не биде исполнето она најоптимистичкото сценарио на Владата односно само средното сценарио да биде исполнето. Станува збор за 200 до 250 илјади мегават часови.
За ова да се случи потребно е да се интервенира во Законот за работни односи и Законот за трговија каде што недела е неработен ден. Работодавачите да си одберат кој ден во неделата наместо недела ќе го заменат да биде неработен. Затоа што во недела имаме најголеми вишоци на струја и цената на струјата за време на викендот е далеку поевтина од цената на струјата во текот на петте дена од работната недела.
Втор предлог, секоја компанија која ќе плати цена на струја која е над цената на регулираниот пазар на електрична енергија, на струја, кој што е пропишан од страна на Регулаторната комисија за енергетика тарифникот и таа изнесува од прилика просечната 200 евра за мегават час, секоја цена над таа која што ќе ја платат компаниите половина од разликата да ја преземе државата. Според нашите калкулации и според мерките кои што и според првата мерка која што ја предлагаме станува збор за од прилика 50-тина милиони евра помош за стопанството да ги зачуваме работните места, да продолжиме да произведуваме, да го задржиме извозот за да не ни се случи затворање на компаниите и буквално егзодус на квалификувана работна сила. Секоја цена на мегават час која што компаниите ќе ја платата, а ќе биде повисока од регулираната според тарифникот за мали потрошувачи на РКЕ половина од трошоците да ги плати владата во вид на субвенција.
Пример, ако цената е 400 евра на мегават час, а просечната цена која што според тарифникот на РКЕ изнесува 200 евра, половина од таа разлика, тие 200 евра до 400, да ги плати владата, односно 100 евра да ги плати владата од буџетот како помош за стопанството. И тоа е во вредност од отприлика околу 50 милиони евра.
Предвидуваме Викенд без ДДВ за основните прехранбени производи, за да можат да се снабдат граѓаните по пониска цена за да не удираме со ДДВ врз стандардот на граѓаните. Ова го велиме затоа што самата влада се пофали дека има зголемена наплата на ДДВ и тоа се должи само поради една причина. Не затоа што имаме поголема активност во економијата, не затоа што има поголема фискална дисциплина, само заради едно, поради екстремно високата инфлација. Затоа предлагаме Викенд без ДДВ на основните прехранбени производи.
Понатаму, предлагаме интервенција во Законот за личен доход и таа иницијатива ќе ја поднесеме во Собранието, во текот на оваа или следната недела, со кој што ќе се одложи скалестото оданочување. Тоа ќе почне да важи од 01.01.2023 година, и директно ќе удри на стандардот на граѓаните, а ќе влијае и врз финансиската ликвидност на компаниите. Затоа ние во рамките на Парламентот ќе поднесеме инцијатива за повторно одложување на примената на овој закон, а тоа е Законот за личен доход, односно да бидам попрецизен, скалестото оданочување да се одложи за уште една година, односно до 31.12.2023 година.
Петто, дестерилизираат на благајничките записи во Народната банка. Таму цениме дека има помеѓу 150 и 160 милиони денари пари од банките од фондовите кои што се наоѓаат запишани во благајничките записи. Да се дестерилизираат со намалена емисија на благајнички записи и тие пари да се вратат назад кај банките, а потоа банките тие пари да ги пласираат до стопанството, односно да ги стават на располагање на стопанството со што ќе ја помогнат ликвидноста на компаниите, а работните места ќе бидат сочувани.
Ова се пет мерки кои што значат директно ублажување на последиците врз стандардот на граѓаните, спас на работни места и поддршка на компаниите да продолжат нормално да работат за да можат да вработуваат наши граѓани, луѓе кои преку работата во тие компании ќе ги прехрануваат своите семејства.
Владата ниту делува брзо, ниту делува одлучно во кризи. Голем крах имаше во справувањето со здравствената и економската криза предизвикана од Ковид-19, голем крах има сега во справување со инфлацијата и енергетската криза кои се присутни веќе една година, иако предупредувавме. Не го стопираа растот на цените на основните прехранбени производи. Не ја подготвија државата да ја дочека зимата со сигурно домашно производство на електрична енергија. Не го помогнаа бизнисот кој е неликвиден поради високата цена на струјата.
Затоа не е време за бркање на политички поени или суети, време е за делување. Кога се работи за интересот на граѓаните треба да се влечат потези кои ќе се за најдоброто на државата и граѓаните. Затоа ја повикувам Владата да го прифати пакетот на мерки кој го нудиме и да сочува работни места и да го заштитиме стандардот на граѓаните.