Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека промена на Устав во овој парламентарен состав нема да има. Тој повтори дека постојат притисоци, но, како што рече, на истите им се спротиставува со аргументи.
„Мојот пристап е да се спротиставам на тие притисоци со аргументи и така и ќе продолжам. До сега не сум слушнал аргумент кој ги победува аргументите кои што јас ги презентирам. Моите аргументи се елементарна логика, и тие се јавно познати. Но, ќе повторам, промена на Устав во овој Парламентарен состав нема да има“, рече Мицкоски.
Вчера, Мицкоски ја одби и понудата на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, за учество во работната група за подготвување на уставни измени, велејќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.
„Нема да учествуваме во работната група, тоа сме го кажале многу пати во минатото, ги кажавме и причините затоа што работата на оваа работна група сега во оваа фаза е тотално беспредметна. И врвни правни експерти го коментираат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандмани, се драфтираат, итн. Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со таа тема, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на Комисијата која ја формира Министерството за правда, а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени“, рече Мицкоски.