Протоколот е дипломатски нокаут капитулација, ја отвори вратата за преговори Албанија, а ја подзатвори за Македонија, бидејќи како што и самата Генчовска кажа, вистинската меѓувладина конференција нема да се одржи сега туку веднаш после промената на Уставот. А тоа дека нема да се случи е гарант ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, односно пратеничката група бидејќи власта нема две третини во парламентот, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Гази Баба.

Мицкоски истакна дека за Македонија да ги почне преговорите потребно е да се промени Уставот, односно Преамбулата, а потоа според документот Заеднички став на ЕУ ќе биде свикана меѓувладина и ќе биде усвоена предлог преговарачката рамка, но Уставот нема да се промени затоа што ВМРО-ДПМНЕ го гарантира тоа и бара измени во преговарачката рамка.

– Дека нема да биде сменет Уставот бројни бројноста на пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, тоа се 44 пратеници плус пратеници од опозицијата, кои се противат на ова. Така што владата во овој момент нема две третини што значи дека предлог преговарачката рамка останува предлог преговарачка рамка и неусвоена. За да биде усвоена ние бараме измени во членот 5 алинеја 4 каде што таа се повикува на билатералниот договор и Протоколот кој што го потпиша Бујар Османи и протоколите кои ќе ги потпише, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски посочи дека лага е на СДСМ и ДУИ дека се гласало за модифициран предлог, бидејќи нивните пратеници не знаеја што гласаат затоа што Протоколот кој е составен дел од последниот предлог не им беше даден за да прочитаат.

Мицкоски уште еднаш повтори дека во суштина станува збор за дипломатска капитулација и нокаут и отворена врата за преговори на Албанија и подзатворена за Македонија.