Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за весникот Вечер истакнува дека и во минатото, па и сега и во иднина, ВМРО-ДПМНЕ е и ќе бие столб околу кој се обединуваат македонските национални интереси.
Мицкоски посочува дека црвените линии се содржани во Резолуцијата што ВМРО-ДПМНЕ ја достави до Собранието, а за која веќе се направија и консултации со парламентарните партии и од власта и од опозицијата.
Црвените линии генерално се содржани во Резолуцијата којашто ја доставивме до Собранието, веќе направивме консултации со парламентарните партии и од власта и од опозицијата и ние се обидуваме да ги придобиеме сите партии. Го поздравувам тоа што и СДСМ одлучи да ја поддржи Резолуцијата, бидејќи и во минатото, сега и во иднина, ВМРО-ДПМНЕ е столб околу кој се обединуваат македонските национални интереси и добро е што СДСМ по неколкудневни обвинувања кон мене лично, успеаја да се надраснат и да сфатат дека идентитетот нема алтернатива и да се обединат околу македонските национални интереси и носечкиот столб кога се работи за тоа прашање – а тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Во врска со тоа дали очекувам чудо, најпрвин да видиме како ќе завршат изборите во соседна Бугарија, да претпоставиме дека ќе бидат успешни и дека ќе има Влада и Парламент, што го очекувам некаде во втората половина на август – вели Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека со оваа Резолуција јасно се испишани македонските национални и државни линии и очекува поддршка од сите.
Имајќи предвид дека ние на крајот на септември влегуваме во официјална кампања, имаме локални избори, па тие имаат претседателски избори, очекувам дури кон крајот на годината сериозна дипломатска офанзива кон официјална Софија, да ретерира од позицијата на вето и Македонија да ги почне преговорите. Ова што се случува веќе втор или третпат со официјална Софија е на меѓународните домат-дипломатии на дуото Заев-Димитров, каде што јасно се гледа дека нивните авантуристички потези на полето на дипломатијата само ја втурнаа Македонија во подредена положба и ја отворија Пандорината кутија и ние денеска сме практично предмет на уцени од страна на нашите соседи.
Ги нема никаде оние убави епитети дека ние блескаме, дека имаме пријатели, кога ние гледаме дека буквално сопки имаме на секој чекор. Замислете како ќе биде кога ќе почнеме да преговараме. Никој денес нема да разговара со Македонија за тоа какви реформи направила и дали тие имаат добар резултат, дали сме го хармонизирале нашето законодавство – секогаш некој ќе сака да си исправи некаква историска грешка. Токму поради тоа, ние јасно мора да ги исцртаме нашите национални линии и токму тоа го правиме со оваа Резолуција во Парламентот, која очекувам сите да ја поддржат – објаснува Мицкоски.