„Просечниот раст на БДП како резултат на оваа политика која што ја кажува Ковачевски, изминативе шест години од 2017 – 2023 е 1,2%. Или во тотал 10%, кумулативно ако го гледаме целиот период. Просечниот раст во периодот на владите на ВМРО-ДПМНЕ 2007 – 2016 е 3,2% или во тотал 35% кумулативно ако сето тоа го гледаме“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во „Дуел за Македонија“ на „Само вистина“ на Канал 5 телевизија каде се соочи со лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Тој зборуваше за тоа колку таа зголемена плата за која зборува СДСМ вреди реално кога ќе се вклучи инфлацијата.

„Ајде да зборуваме за платата бидејќи сте економист, вашиот претходник ми држеше лекции по економија, еве сега претпоставувам и Вие сакате да држите лекции по економија. Ајде да зборуваме за вистинските параметри, а да не зборуваме номинално колку е зголемена платата, туку да видиме колку таа плата вреди реално кога ќе ја вклучиме инфлацијата“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски додаде дека во 2006 година минимална пензија е 65 евра, 2016 година е 137 евра, а 2023 е 204 евра. Во периодот од 2006 до 2016 година пензијата е зголемена за 110 евра бруто каде што не е вклучена инфлацијата. А, во 2017 до 2023 пензијата е качена за 48 евра. И ако се вклучи инфлацијата реалниот пораст на пензиите во периодот 2006 – 2016 е 72 евра, а во 2017 – 2023 е 10 евра. Седум пати е разликата.

„Оваа Влада го зголеми јавниот долг точно за 4 милијарди евра“, нагласи Мицкоски.

Ковачевски посочи дека за да се заштити стандардот на граѓаните се донесоа најголеми пакети со антикризни мерки за граѓаните и стопанство во однос на сите земји во регионот што го потврди и Светската Банка и во време на криза се зголемија платите и пензиите.

„Јас знам дека на луѓето не им е лесно, знам дека денес имаме пензионери кои едвај врзуваат крај со крај. Знам дека има родители кои ќе легнат гладни за утре да имаат денар повеќе да им дадат на своите деца. Мене тоа ми е сè јасно. Но ние ја зголемивме просечната плата за 50%, во однос на она што беше во 2016 година. Минималната плата од 10.000 денари стана 22.500 денари. Пензиите ги зголемивме за 50%. Кај платите, минималната плата е неколкукратно зголемена во мојот мандат во однос на 2016 година. Во 2016 година, биле потребни четири минимални плати за да се покрие една потрошувачка кошничка. Денес за првпат една просечна и една минимална плата покриваат потрошувачка кошничка, зошто? Бидејќи ние имаме највисоко историско ниво на просечна плата од 40.000 денари“, рече Ковачевски.

Тој говорејќи за економските состојби посочи дека во неговиот мандат како Претседател на Владата, се случи најголемата економска и енергетска криза, но благодарение на правилните политики предизвиците успешно се надминаа.

„Како економист, но и како социјалдемократ, знаев што треба да се прави. Прво мораше да обезбедиме доволно средства за најранливите категории на граѓани. Знаевме дека ќе има зголемена инфлација, бидејќи во услови на војна, постпандемично секогаш има поголеми стапки на инфлација кои на европско ниво достигнаа 20%, колку што беше и кај нас, дека мораме да имаме антикризни мерки и притоа да ги зголемиме платите и пензиите. И тоа и го направивме“, рече Ковачевски.