Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета во општина Гази Баба одговарајќи на новинарско прашање зошто пратениците од ВМРО-ДПМНЕ цврсто се спротивставуваат на законските измени на Законот за работни односи со кои се продолжува мандатот на судии и јавни обвинители, истакна дека преку овие измени власта има за цел да им го продолжи работниот век на судии и јавни обвинители кои се слепопослушници на СДСМ и ДУИ.
-Треба на јавноста да и е јасно зошто тоа се случува. Не знам дали е доволно јасно и дали е доволно објаснето. Целта е на определен број судии и обвинители слепопослушници на СДСМ и ДУИ да им се продолжи работниот век за да можат дополнително да носат пресуди како онаа во Охрид каде што камерата од хотелот снимила тепање, каде што имаме пет сведоци кои потврдуваат дека имало тепање, само судијата вели дека немало тепање и го ослободува тепачот. Ете такви судии сега треба да го продолжат работниот век уште некој период за да доиспорачаат до властодршците од СДСМ и ДУИ и тоа не го прават преку матичниот закон, а тоа е Законот за судови бидејќи е системски закон. Кога велам системски закон потребни се две третини од вкупниот број пратеници, односно 80 пратеници и бидејќи немаат поддршка од нас и знаат дека тоа не може да се случи и затоа преку законот за работни односи кој што се гласа со просто мнозинство, односно со 61 па уште го брендираат со европско знаменце и одлучуваат да на сила го продолжат работниот век на овие слепопослушници во обвинителството и судството на СДСМ и ДУИ, потенцираше Мицкоски.
Тој додаде дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ силно се спротивставија на тоа и за среќа на граѓаните и правдата слепопослушниците на СДСМ и ДУИ ќе заминат во незаслужена пензија.
-Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се спротивставија и ете за среќа на граѓаните и за среќа на правдата тоа најверојатно нема да им успее бидејќи денеска е последниот ден, а денеска колку што сум информиран на дневен ред во Собранието е интерпелацијата на спикерот Талат Џафери. Така што претпоставувам дека ќе помине денот и ќе мора овие слепопослушници партиски на СДСМ и ДУИ од едно време да заминат во незаслужена пензија, рече Мицкоски.