-Денес би сакал да говорам малку и за стратегијата на власта преку која сака да постигне две значајни цели за нив. Првата, да ја обвини Европската Унија и меѓународната заедница дека тие се виновни за ова што и се случува денес на Македонија, а не неспособноста, поданичкиот и предавнички карактер на власта и втората цел е да го нападне ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека недоволно се бори за македонскиот национален идентитет. Сигурно си го поставувате прашањето како тие би ја реализирале првата цел, кога вакви политичари, безрбетници кои коленичат каде стигнат, Македонија нема ниту чуено ниту видено во својата независност? Ќе ве потсетам драги пријатели, браќа и сестри на нападите во медиумите од страна на владините гласноговорници кон поранешниот француски амбасадор, г-динот Тимоние кога Франција бараше измена на претпристапната методологија, или пак месеците потоа кога цела Европска Унија и врвните политичари од ЕУ беа виновни затоа што добивавме вето, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски денес при своето обраќање во Ташмаруништа по повод празникот Илинден.
Тој посочи дека тоа е инженерингот што криминалната власта изминативе години го правеше. Преку платените гласноговорници обвинуваа и ја убедуваа јавноста дека ЕУ е виновна за неправдата создавајќи преку таквата кампања во народот гнев и недоверба кон ЕУ, а позади завесата го подготвуваа завршниот чин на предавството кое го завршија оваа година и се разбира во целиот тој период не престанаа да крадат и да го пљачкосуваат народот.
-Втората цел на власта е да го нападнат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека недоволно се бори за македонскиот национален идентитет преку сопствените инсталации во опозицијата и помеѓу македонскиот народ, а кои се ништо повеќе од полу свет за кој ќе зборувам малку подоцна. Не смееме браќа и сестри да конзумираме од измамите на власта и нивните лакеи во опозицијата. Не е виновна ЕУ за ова што денес и се случува на Македонија и македонскиот народ, виновникот има име и презиме, Пендаровски, Ковачевски, Османи, Заев итн…, а политичката партија која што е извор на сите овие порази и предавства има име и се вика Социјалдемократски Сојуз на Македонија или СДСМ, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додаде дека недалеку од тука има три фабрики кои потекнуваат од ЕУ и илјадници сограѓани своите семејства ги хранат, директно или индиректно работејќи во или со тие фабрики. Илјадници граѓани на ЕУ годишниот одмор го поминуваат недалеку од овде на охридско/струшкото крајбрежје.
-Ве молам да не дозволиме на инсталациите на власта, тие лакеи во форма на полусвет да не поделат и фрагментираат. Тие се платени со вашите пари, вашите крадени пари или пак се уценети и чекаат милост од власта. Ќе си го поставите прашањето, кој е излезот? Излезот е избори и мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во парламентот како гаранција дека Македонија ќе го врати загубеното. Тоа е единствениот пат. А, колку реално им значи народот се гледа по тоа колку прифаќаат да го чујат неговото мислење. Референдумот за отфрлање на асимилацијата која тие ја прифатија, е добра можност оваа елита да покаже колку го вреднува ставот на народот дури и тогаш кога поинаку мисли од него. Бегството од референдум на владата е бегство од народот и доказ за тоа колку големо предавство прават на својата земја и на својот народ. Референдумот е огледалото на нивната немоќ, на нивниот морален хазард, и за тоа како бегајќи од референдум сакаат преку трупа, жедни преку езеро, на мала врата да го пренесат народот без да имаат обѕири за тоа каква катастрофа прифаќаат. Јавно повикувам да поддржиме референдум, сите заедно да повикаме и на народот да му дадеме шанса да донесе одлука. И сакам тука да потенцирам уште еднашка по кој знае кој пат, народот да биде спокоен, без оглед на тоа што ќе смисли оваа власт како опструкција или отпор за референдумот, гаранцијата, блокадата и чувањето на уставот од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата се факт и тоа останува. Нема промена на Уставот под овие околности, по ниту една цена, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.