На Македонија, и покрај 30 годишната аспирација да стане членка на евроатлантските организации, и е ускратено тоа право. Тоа е заради непринципиелните барања на соседите кои кулминираа со историските етнонационални барања на Бугарија, рече во своето обраќање на Генералното собрание на ЦДИ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Како држава ние секогаш правиме сѐ за да придонесеме кон европските вредности, регионалната стабилност и безбедност. Но, прашањето е дали истите тие вредности се споделуваат кога станува збор за нашето пристапување кон ЕУ. Ние бевме првата држава од регионот која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација, станавме кандидат за ЕУ заедно со Хрватска, а требаше и да станеме членка на НАТО во исто време. Сепак, од непринципиелните барања на нашите соседи, ние и денес сме во лобито – надвор од преговорите, истакна Мицкоски.
Но, не смееме да се откажуваме. ВМРО-ДПМНЕ и владата која ќе ја предводи ќе направи сѐ што е во наша моќ да ги исполниме вистинските критериуми за членство, да направиме вистински реформи во економијата, да завладее правото и да се избориме со корупцијата во општеството. Само на тој начин ќе ја донесеме Европа во Македонија и за македонските граѓани, но и Македонија поблиску до Европа, додаде Мицкоски.