Во името на Владата и во мое лично име, на сите православни христијани им го честитам големиот празник Богојавление – Водици, денот кога го славиме Крштевањето на Господ Исус Христос во реката Јордан, напиша премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.
Како што се отворија небесата над Јордан, потврдувајќи ја светоста на овој чин, така и денес нека ни се отворат патиштата кон мир, разбирање и благослов.Овој свет ден нè потсетува на вредноста на верата, духовното единство и љубовта кон ближните. Затоа, да го негуваме духот на заедништвото, почитта и поддршката еден кон друг, ставајќи ги мирот и добрината во прв план.
Нашето општество мора да се темели на меѓусебната почит и стремежот кон соживот. Нека оваа празнична свеченост нè потсети на нашата обврска да го чуваме и унапредуваме заедничкото живеење, прифаќајќи ја различноста како вредност која нè збогатува сите нас.
Воедно треба да бидеме свесни дека промените за кои работиме и за кои сакаме да се случат зависат од сите нас. Иднината мора да биде заедничка и секој ден мора да покажеме нескршлива волја во реформите и чекорите кои ќе обезбедат сигурност, стабилност и просперитет.
Посакувам срдечна прослава, семејна топлина и радост во овој убав празничен ден, а благодатта на денешното осветување да биде наша водилка низ животот.
Бог се јави!, се наведува во честитката на премиерот Христијан Мицкоски.