Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски и високото раководство на партијата, членови и симпатизери од седиштето на партијата се упатија кон црквата Свети Спас, да му оддадат почит на великанот Гоце Делчев.

Во 9.30 часот заврши официјалното чествување пред гробот на Гоце Делчев кога почит одадоа претеседателот Пендаровски, премиерот Ковачевски и дел од министрите во владата, пратеници, градоначалници и други официјални лица.

Утрово најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ испрати соопштение во кое бараат одговори од Пендаровски и Ковачевски и странските служби кои шират антимакедонска пропаганда.

-Дојде 4-ти февруари, а Ковачевски и Пендаровски не открија кои странски служби шират антимакедонска пропаганда, и самите работат во нивна корист. Пендаровски го девалвираше и Советот за безбедност, една сериозна изјава нема човекот кој ја има функцијата претседател на државата. Пендаровски и Ковачевски да кажат, дали изјавата дека странски агентурни мрежи стојат зад антимакедонската кампања во односите со Бугарија е производ на дискусија на Советот за безбедност, Пендаровски сам ја измисли или е дискутирана но сега не изнесува детали затоа што и самиот работи во корист на истите агентури? Четврто нема, во секој случај кој и да е одговорот јасно е дека државата е водена од луѓе кои ги газат нејзините интереси, смета ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив Ковачевски, под кој се сите финансиски служби, како премиер, не може да утврди од каде се финансираат бугарските здруженија, кои шират говор на омраза и негација на нацијата, јазикот и историјата.

-Ковачевски и Пендаровски наместо да работат за Македонија, тие со својата неспособност или криминогеност ја понижуваат секој ден, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.