Вечерва се случи тежок инцидент кој по сите параметри е класична полициска монтажа чија цел беше или убиство на некој недолжен граѓанин, мајка со дете, пензионер, млад човек или мое убиство. И ова требаше да личи на меѓуетнички конфликт, а всушност не е ништо повеќе од борба за власт, фотелји и функции на партиите кои се дел од владата. Ова нема врска со меѓуетничка нетрпеливост, туку единствено борба за гола власт, изјави вечерва на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција:

Меѓу другото подолго време добивам неформални информации кои говорат за моја елиминација која ја нарачува власта. Не придавав значење.

Вечерва видовме најмалку две лица со огнено оружје кои беа подготвени тоа да го направат. Полицијата ја немаше на потребното место, и мистериозно се појави помала група од 10тина луѓе кои беа наоружани со огнено оружје. Тие дури направија и повеќе истрели кои само за чиста среќа не завршија во илјадниот народ кој излезе мирно да протестира против оваа власт.

Сакам да потсетам дека ваквото сценарио, ќе повторам, ваквото сценарио го најави власта. Министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека ќе има меѓуетнички тензии ако не поминел предлогот кој опфаќа асимилација и бугаризација на Македонија.

Ковачевски и Спасовски во континуитет градат милитантен контекст на создавање тензии и поделби. Најава за молотови коктели, жртви и слично. И тоа откако не им успеа а тоа беше сценариото за уфрлање на полициски инфилтрати кои ќе предизвикаат инциденти, а за кои подоцна ќе биде обвинет мирниот и достоинствен народ. Вечерва го достигнаа врвот во својата монструозност каде требаше да се загуби човечки живот, еден или повеќе за да тие останат на власт и што е пострашно да продолжат да крадат.

Овој пиштол кој го гледате на фотографијата и видете го народот кој не му се плаши е свртен кон народот. Тоа е пораката од власта. Оваа слика јас ви ветувам дека нема да ја заборавиме.

Тој беше насочен за губење на нечиј невин човечки живот.

На овие слики кои ги гледаме не е најважна етничката припадност , туку гледаме криминалец, хушкач на власта кои заедно со власта оди против народот.

И немојте да се обидувате да кажувате дека луѓево се припадници на една или друга политичка опција. Тие имаат една страна, а тоа е страната на криминалот, и тоа дека имаат тесни врски со власта за која одработуваат.

Ќе ми дозволите една директна порака до албанците… Оваа борба е заедничка, наша, за нашата заедничка иднина, каква што била низ вековите, и каква што ќе биде во заедничката иднина која ќе ја градиме заедно во достоинствена Македонија.

Бидејќи нема да има колективна среќа ако македонскиот народ биде понижен.

Порака до Македонците, да останеме мирни и достоинствени, и грчевито, храбро да се бориме за нашата иднина. Знам колку е тешко и какви времиња носиме со себе. И против што се бориме.

Сакам да ве уверам дека и покрај тоа што има хушкачи помеѓу Македонците, луѓе кои што лиферуваат на дневна основа лажни вести сакајќи да ги манипулираат Македонците нема да отстапам, ниту да се повлечам. Ќе одиме до крај. Уште побројни, помасовни продолжуваме утре во 19 часот пред владата, а јас заедно со вас ќе го предводиме повторно победничкиот марш за слободна Македонија.

Нема чекор назад. Затоа што ќе одиме напред со народот на Македонија, силно, мирно и со крената глава.