Честитка од Претседатeлот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по повод празникот Успение на Пресвета Богородица:
Дозволете ми во мое лично име и во име на членовите на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни христијани да им го честитам големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.
Со празнувањето на овој голем ден покажуваме почит кон делото на мајката Божја кое низ вековите е длабоко вкоренето во нашата традиција и култура и токму тоа е она што ни дава духовна сила и не води кон патот на радоста.
Секоја борба е трнлив пат, испреплетен со неправди и предизвици, но истрајноста и посветеноста на тој пат секогаш води до успех. Да научиме борбата за подобра иднина да ја водиме со сплотеност и истрајност, затоа што тоа е единствениот правилен пат.
Воедно дозволете да го честитам и денот на македонските рудари оние кои со мака, труд и посветеност заработуваат за своите семејства и својата иднина.
Посакувам во овие тешки мигови за нашата држава да имате работа, да ве следи добро здравје и да сте задоволни од сработеното и заработеното. Знам дека многумина од вас чувствуваат несигурност во услови кога владее криза, а власта поради својата неспособност само истата ја продлабочува.
ВМРО-ДПМНЕ ја разбира маката и сочувствува со секој еден граѓанин кој се соочува со тешката реалност, згазено достоинство, неправда, но заедно ќе ги надминеме овие премрежија со кои се соочуваме.
Македонија е нашиот заеднички дом кој сите без разлика на етничката и верска определба мораме да го чуваме и да го градиме, спротивставувајќи се на криминалот и корупцијата кои го разјадуваат и уништуваат.
Нека е за многу години празникот.