Да ја искористам можноста да се заблагодарам на претседателот на Стопанската комора, господинот Азески што во прилично репрезентативен состав денеска не пречека. Имавме можност отворено да разговараме за сите проблеми со кои се соочува стопанството, бидејќи како најголема политичка партија во Македонија имаме чувство како стопанството да не е во фокусот на политиките на владата, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
-Водени од тоа сакавме од прва рака да се запознаеме со потешкотиите, иако морам да кажам дека во неврзани разговори имаме некаква слика, но ова што денеска тука можевме да го слушнеме навистина голема загриженост за иднината на стопанството, а со самото тоа и за иднината на македонската економија.
Бидејќи вие не можете да правите планови како држава и влада во приходите на буџетот, ако економијата е таа која не може да ги генерира тие приходи, односно да го полни буџетот. Затоа е многу важно фокусот да биде кон економијата, кон стопанството бидејќи тоа исто стопанство вработува луѓе, повеќе од 680.000 се вработени во приватниот сектор, тие генерираат приходи и дел тие приходи завршуваат во државниот буџет, а потоа и се трошат. Така што вие како влада не можете да трошите, ако стопанството вас доволно не ви приходува.
Како најголема политичка партија во државата, како партија која има најголем број градоначалници, најголема пратеничка група во парламентот, цениме дека поддршката што ја даваме кон стопанството и она кое го имаме како разбирање кон стопанството треба да продолжи, да се зголеми, да се интензивира во рамките на нашите можности, потенцира Мицкоски и додава:
„Ние повикуваме континуирано на обединување, цениме дека општеството за жал ни е поделено политички, социјално, општествено, за еден голем договор, за кој што зборуваше и претседателот Азески потребно ни е обединување. Да видиме дали како држава сме подготвени на тоа.
Ние како најголема политичка партија, јас како претседател на оваа партија подготвен сум да седнам да ги бранам позициите исто како што денеска го правев тука пред стопанствениците, да направиме еден голем договор којшто е многу значаен за иднината на Македонија. Во спротивно жалам што тоа можам да го констатирам, но предизвиците се големи, а проблемите ќе бидат уште поголеми. Исто како што сега сме загрижени, а се уште е лето календарски, каква ќе имаме есен, каква зима, каква ќе биде следната година, така сме загрижени и каква иднина има стопанството, а со тоа и каква иднина ќе има нашата Македонија“.