Во текот на вчерашниот ден имавме долга и неколку часовна средба на Извршниот комитет на партијата, разговаравме за сите можни сценарија, антиципиравме можно однесување на власта и донесовме одлука иницијативата за референдумско изјаснување на граѓаните да биде приоритет над сите приоритети. Цениме дека ако е мудра власта и ако навистина го цени мислењето на граѓаните бидејќи тие се суверен суверенитетот потекнува од граѓаните ќе го почитуваат нивното барање да се одржи едно такво референдумско изјаснување, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при денешната посета на Свети Николе одговарајќи на новинарско прашање за одлуката на ИК за референдум за преговарачката рамка.
Мицкоски истакна дека прашањето дополнително ќе и биде на јавноста познато, а бидејќи во периодот кој што следи ќе се водат процесите на консултации со експерти од областа, од областа на референдумско изјаснување, уставното и меѓународното право за да се дојде до едно решение.
– Се надевам дека ќе биде како постапка најпрво прифатена од страна на спикерот Џафери во парламентот а потоа и ќе собереме 150 илјади потписи и ќе излезeме на едно такво изјаснување. Но, ќе повторам уште еднаш тоа го зборував изминативе денови дека треба да се насочиме на проблемот ова се три одвоени процеси, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека првиот процес е билатералниот спор заедно со протоколот кој што е извор на проблемот, вториот е измената на Уставот, и тука треба граѓаните да се сигурни да имаат потполна доверба во дадениот збор од страна на пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а како дополнение е и зборот практично на неколкумина слободно мислечки пратеници во парламентот, а третиот процес кој што зависи од вториот а тоа е конечното презентирање или ве јавно усвојување на преговарачката рамка.
– Значи отприлика тука треба да се бара референдумското изјаснување меѓу првиот и третиот процес. За вториот процес гарант е пратеничката група граѓаните да бидат безбедни да бидат сигурни иако постојат инфилтрати од страна на власта на социјалните медиуми кои што се обидуваат да шират дефетизам, но еве уште еднаш ќе повторам гарант дека нема да има промена на Уставот е пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот даден збор под овие услови вакви асимилаторски и хегемонски кои што ги содржат и договорот и протоколот со нашиот источен сосед но и потенцијалната верзија на преговарачката рамка која што се уште јавно не е усвоена или презентирана. Така што тоа е приоритет сега над сите приоритети бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не се води од партиските интереси ниту пак јас се водам од партиските интереси туку од интересите на граѓаните и тоа што е најважно за државата нас не ни е битна власта по секоја цена ако дојдеме и ако веќе имаме пустош, или се што е национално биде распродадено, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека затоа е многу важно да имаат можност граѓаните да се изјаснат, а власта да покаже демократски минимален капацитет да прифати референдумско изјаснување бидејќи се уште не е доцна да се исправат работите.
– Суверенитетот извира од граѓаните и ако навистина има минимум демократски капацитет кај СДСМ и ДУИ, тогаш не гледам причина зошто да не го прифатат референдумот, иако не исклучувам било какви политички маневри и гимнастики од страна на спикерот Џафери во Парламентот, изјави Мицкоски.