„Она кое што е важно да се напомене, што впрочем го кажа еден од премиерите на земјите членки, е дека според него, тој присуствувал на многу од овие самити, овој бил самит на којшто најотворено најдиректно и најискрено се кажани работите и од лидерите на Западен Балкан, но и од лидерите на земјите членки на ЕУ и такво беше и моето чувство. И во работниот дел и на работната вечера неколку часа, навистина многу отворена дискусија, многу отворени дебати, многу работи беа кажани, многу споредба со минатото. Еден друг, исто така влијателен премиер на држава кажа дека и во 2004 година кога имаше голем бран на проширување на ЕУ, можеме да кажеме дека ниту една од тие земји коишто станаа членки не ги исполнуваа критериумите согласно поглавјата, согласно кластерите итн. но постоеше храбра политичка одлука пакетот да се затвори, односно сите тие земји да станат членки на ЕУ, па така и сега очекувам дека ќе се создадат услови за една храбра одлука од страна на ЕУ да можат сите земји од Западен Балкан наеднаш да бидат примени во рамките на ЕУ“, рече претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју за МРТ од ЕУ Самитот посветен на земјите од Западен Балкан.
Тој додаде дека тоа што е многу важно за нас како држава што во ЕУ почнува да се слуша поинакво мислење од она понизно и вовлекувачко на владите во изминативе 7 години.
„Она коешто за нас е многу важно е дека напредувањето ќе биде по заслуги. Потенцирано е и во резолуцијата и во заклучоците. Она коешто за нас е важно е дека се слуша поинакво мислење од она коешто се слушало досега, односно понизно, снисходливо итн. вовлекувачко мислење коешто поранешните влади во изминативе 7 години го правеле овдека во Брисел, туку реално се соочуваме со проблемите и ги кажуваме оние наши стравувања и грижи кои се, се бара план. Тоа е она коешто мене ме прави задоволен“, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски потенцираше и дека како земја бевме пофалени и за Планот за раст, дека најквалитетно сме го завршиле нашето досие и дека доколку се оди по планот очекува првата транша да ја добиеме до крајот на годината.
„Од друга страна, тука го имаме Планот за раст, пофалени сме како земја дека најквалитетно го завршивме нашето досие. Се чека сега одговор од Брисел на конечната верзија на законот којшто треба да помине во Парламентот и доколку ја добиеме таа верзија час поскоро, а јас ги замолив нашите колеги коишто доаѓаат од нашето семејство Европската народна партија да ургираат во комисијата да се забрза тој процес. Веднаш штом го добиеме тој одговор и веднаш штом се ажурира конечната верзија на договорот, ние ќе го поминеме низ процедурите во нашиот Парламент и очекувам до крајот на оваа година да ја добиеме и првата транша или еве да речеме најдоцна во првата половина од месец јануари следната година. Но, оптимист сум дека тоа ќе се случи оваа година“, нагласи Мицкоски и додаде дека самите земји членки на ЕУ се изморени од објаснување зошто процесот за зачленување не треба да се билатеризира туку да се европеизира.
„Така што имаше многу конкретни работи. Имаше многу убави работи кажани, директно, отворено се зборуваше и она што го носам како емоција, како чувство е дека навистина и самите земји членки се уморни да се објаснуваат зошто не треба да биде билатеризиран овој процес, туку треба да биде европеизиран. Така што можам да кажам дека сум задоволен од сето она што се случуваше вчера попладнево и денеска утринава на Самитот ЕУ – Западен Балкан којшто го организираше моето семејство, Европската народна партија“, заклучи Мицкоски.