-Кога гледам каква надворешна политика водат, човек срам го фаќа. Она чувство кај човек кога ти е срам поради туѓиот срам. И мака и јад во душата кога гледаш дека тие кои треба да ти ја претставуваат земјата, дома ти глумат Европејци, а надвор пазарџии. На нашите соседи им должиме искрен однос, искрена желба за градење на пријателства кои мора да се на принципот на реципроцитет, и взаемно почитување. Нема почит за тие кои не нè почитуваат, но ќе има подадена рака, за тие кои подаваат рака за пријателство. Треба да се заборават подметнувањата, договори кои се потпишуваат на слепо за да се спасат десетина кариери, како таа на Заев, затоа што јас и луѓето околу мене никому не должат освен на нашиот народ – рече лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

Вели на хероите кои се обични луѓе им должиме и борба за нивниот стандард. На половина милион луѓе кои и денес живеат со по 150 денари на ден им должиме борба за нивниот стандард.

-На семејствата кои по продавниците денес плаќаат поскапо масло за јадење, брашно, бензин, шеќер, сол, мора да им обезбедиме заштита на нивниот стандард. На младите мора да им обезбедиме шанса за развој, за квалитетно образование, пристојна работа и сигурност. За целиот народ – еднаква грижа од државата, наспроти сегашните поделби и конфликти. Рушење на стереотипи, бариери. Да покажеме дека нашите разлики не се по етничката припадност, по тоа дали живееме на левата или на десната страна на градот, дали одиме во црква или во џамија, туку да сфатиме дека сите нас нè држат во оваа состојба алчните луѓе за власт, моќ и привилегии. Сите ние имаме повеќе заеднички работи, од разлики. Заеднички ни е сонот за подобра држава, за ред и поредок, за подобар живот, за посветла иднина – рече Мицкоски.

Тој упати порака:

-Не видовме програма кај тие од власта, туку само памфлети, лажни ветувања и удирања во гради. Ние на овие избори одиме со прецизна програма и со многу проекти и за Скопје и за секое населено место. Но сакам да ви ветам и нешто лично, ви ветувам дека нема да ве разочарам и нема да заборавам на ниту една работа која ја говорам вечерва, како што безброј пати тоа го правеле многумина политичари сега и порано. Ви ветувам дека ќе го вратиме достоинството и насмевките во Скопје и во нашата Македонија. И дека по 4 години ќе дојдам тука со гордо крената глава и заедно ќе зборуваме за новата иднина која ќе ја донесеме. Го имате мојот збор.