Реформската агенда напредува
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Кавадарци зборуваше за напредокот на реформската агенда и потенцираше дека голем дел од предвидените чекори се веќе завршени. Тој изрази надеж дека до април земјата ќе биде најдобра меѓу државите од Западен Балкан.
– Мислам дека она што заостануваше, а беше влезено во овој грејс период од една година до јуни 2025, односно 8 или 10 од тие 12 чекори се веќе завршени. Најголем дел од чекорите што требаше да се завршат до крајот на декември се завршени, да видиме што треба да се заврши, да се дозаврши и полека од април да го фатиме чекорот да бидеме најдобри од Западен Балкан. Тоа е нашата цел. Потоа оставаме на самата Европска унија дали ќе дозволи да биде заложник на билатерализација или објективно ќе ги гледа постигнувањата на земјите кои се кандидати за членство, рече Мицкоски.
Тематска средба за напредок
Премиерот најави дека викендов или најдоцна на почетокот на следната недела ќе се одржи тематска средба за да се провери степенот на реализација на реформските мерки.
– Во минатото направивме многу работи за да се придвижиме кон тој процес напред, продолжуваме да правиме многу работи. Од тука имам состанок во мојот Кабинет за да ги дефинирам состаноците во периодот којшто следи. Очекувам овој викенд, ако не понеделник/вторник, да имам тематска средба за напредокот на реформската агенда, да видиме до каде сме, што завршивме, што уште треба да се заврши, иако мислам дека многу работи поминавме на владина сендница, многу работи се веќе во Парламент, рече Мицкоски во изјава за медиумите при посетата на Општина Кавадарци.
Премиерот нагласи дека Владата ќе продолжи со континуиран напредок, со редовни состаноци и анализа на постигнатото, со цел Македонија да ја покаже својата подготвеност и да го утврди лидерството во Западен Балкан пред Европската унија.
