„За жал проблемот кој го остави Спасовски и оваа Влада во заминување е девастирачки за граѓаните во Македонија бидејќи проблемот е генерално физички и многу пати сме го објаснувале бидејќи капацитетот моментално на машините, капацитетот на самата администрација на министерството во идеални услови на годишно ниво е еднаков на 500 илјади патни исправи и во тоа не се опфатени личните карти, возачките дозволи што значи дека имаме лимитиран ограничен простор за маневар“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата со задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ во Женева.
Тој продолжи и додаде дека потребни ќе се две години за да се обноват патните исправи кои не се сеуште обновени.
„Ако знаеме дека во овој момент околу милион и сто, милион и двесте илјади патни исправи не се издадени, не се обновени тогаш најмалку две години ќе ни се потребни за да биде сето ова завршено затоа ВМРО-ДПМНЕ покрена иницијатива пред Уставниот суд од каде очекуваме да се произнесе Уставниот суд и да даде свое толкување на Законот за патни исправи и сообраќај кој ги опфаќа возачките дозволи бидејќи не се сите граѓани ставени во еднаква положба. Очекуваме да ги стави вон сила овие два актуелни закони се до моментот додека не се разгледа оваа уставна иницијатива по која би требало да се произнесе Уставниот суд а тоа би бил просторот кога би можело да се надмине оваа криза и да можат сопствениците на македонски патни исправи кои ги немаат обновено да можат да патуваат надвор од Македонија и да доаѓаат во Македонија, тоа неминовно ќе ја опфати и дијаспората бидејќи тие се државјани во својата матична држава односно Македонија.“ заклучи Мицкоски.