ВМРО-ДПМНЕ застанува цврсто зад независната кандидатура на Данела Арсовска за град Скопје и цениме дека имаме една личност која може многу да понуди. И уште еднаш ВМРО-ДПМНЕ покажува дека е реформирана партија, партија која покрај огромниот потенцијал што го поседува умее да препознае квалитет и надвор од партиските структури и како партиска структура да застанеме целоно зад тој квалитет. Оваа пракса ја започнавме на претседателските избори кога имавме исклучителен кандидат, тоа е професорката Силјановска, така сега застануваме позади кандидатурата на Данела Арсосвка, идниот градоначалник на град Скопје, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на гостување во Вестите на телевизија Сител.

„Позади кандидатурата на Данела Арсовска застанаа скопјани, тие ја кандидираат Данела Арсовска, а ВМРО-ДПМНЕ го препозна тој квалитет преку програмските постулати кои таа ги презентираше, преку визијата како треба да се развива Скопје и комплетно со целата своја структура кадровска, организациска застанува ВМРО-ДПМНЕ зад кандидатурата на Арсовска“, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна на негативната кампања на противникот.

„Жалам и што го гледам кај спротивниот табор. Она што таму можам да го видам е навистина една негативна кампања, напади, луѓе со силно ниво на самобендисаност, ароганција, но и една голема доза на страв. Мојата порака е да го сочуваме достоинството и да понудиме позитивна кампања. За жал почетокот не ветува на таква кампања од противникот. Поразот им следи на 17 октомври“, рече Мицкоски.