ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија се организираше и денеска практично заврши онаа прва фаза од собирање на донации за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија. Акцијата ја водеше претседателката на Унија на жени и пратеничка, Жаклина Пешевска. Истовремено новиот претседател на ЗЕЛС ги повика сите општини во Македонија, да не се делиме по партиска припадност, да донираме и да бидеме хумани, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во отворената донаторска програма „Обединети за Турција и Сирија“ на Канал 5.
Мицкоски посочи дека секогаш во рамки на неговите можности се труди да помага и биде хуман и ги повика граѓаните да помогнат за Турција и Сирија, без разлика на политички убедувања.
– Треба континуирано да бидеме хумани и да помагаме онаму каде што треба да помагаме, онаму каде што можеме да помагаме. Човек треба да биде хуман секогаш во рамки на своите можности и позицијата со која се занимава доколку му овозможува да охрабри поголем број на луѓе да помогнат. Тука не треба да се гледа на политичката разлика, треба да се гледа само на една работа да се помогне на оние на кои помошта во овој момент им е најпотребна, рече Мицкоски.
Мицкоски изрази жалење за несреќата која ги снајде Турција и Сирија и уште еднаш ги повика граѓаните но и институциите да помогнат.
– Жалам за секој изгубен живот, за секој уништен дом, и повикувам да помогнеме. Очекувам институциите од Македонија да бидат на висина на задачата и да помогнат, Турција ни е стратешки партнер, а треба да помогнеме и во Сирија. Секој еден човечки живот спасен, нема цена. Порака до граѓаните да бидат хумани, изјави Мицкоски.
Мицкоски по завршување на разговорот се приклучи кон телефонското студио каде што разговараше со граѓаните кои донираат.