Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ е новоформирана, но во себе ги содржи зрелоста, знаењето и традицијата кои треба да го водат ВМРО-ДПМНЕ низ сите бури и искушенија, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Првата годишна конференција на Унијата на Ветерани на ВМРО-ДПМНЕ што попладнево се одржа во демирхисарското село Смилево.
На собирот насловен како „Чувајќи ја традицијата, создаваме иднина“, Мицкоски нагласи дека мудрост е да се слушнат „белите глави“, мудрите луѓе кои ги издржале најсилните удари на комунизмот и кои биле сведоци, современици, но и ороводци за самостојна, независна и суверена држава.
-Мудрост е да се имаат овие луѓе до себе и да се користи нивното животно и политичко искуство. Јас секогаш ќе се инспирирам од нивната несмалена енергија и желба за борба за нашата заедничка мајка Македонија. Би рекол татковска, искрена и пламенита љубов за светите букви ВМРО, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на собирот во Смилево потсети дека негова била идејата за формирање на Унија на Ветерани која со новиот партиски Статут е реализирана.
-Нашата заложба е, чувајте ја традицијата – да ја градиме иднината. Традицијата е систем на вредности кои ги издржале најсилните удари врз темелите. А, дел од тие темели е славното Смилево, местото колевка на еден од најсилните македонски синови, еден од основачите на ВМРО и прв генерален секретар Дамјан Груев. Борбата за вредностите, слободата, сувереноста и татковината е еден синџир кој поврзува периоди, времиња, порази и победи, луѓе обединети, алка една во друга кои заедно формираат силен синџир кој ако опстои значи дека каузата била исправна и праведна, рече меѓудругото Мицкоски.
Пред членовите на ВМРО-ДПМНЕ и гости на партискиот собир во Смилево, партискиот лидер Мицкоски порача дека време е за борба против неправдите.
-Пред такво искушение сме денес кога народот треба на референдум да одлучува дали е за или против Договорот со Бугарија, за укинување или одобрување на националната асимилација. Договорот за пријателство и соработка со Бугарија е изворот, темелот врз кој бугарската држава ја гради својата ригидна и негаторска политика кон нашата Македонија, нагласи Мицкоски и побара максимална мобилизација на членството за успех на најавениот референдум што го иницира ВМРО-ДПМНЕ.
На собирот во Смилево претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски повика да се одржат тројни избори, односно референдум, предвремени парламентарни и предвремени претседателски избори.