Излезете на овие локални избори и гласајте, затоа што ќе мислат дека ја водат државата исправно и ќе продолжат да ве злоупотребуваат вас и вашата добрина, со молчење сите ние стануваме соучесници во нивниот грабеж на Македонија. Тие сакаат да останете во домовите, вие покажете жилавост и излезете да гласате. Големите одлуки зависат од народот. Ова се моменти кога треба сите ние да бидеме гласни, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на митингот во Илинден.
Тој посочи дека нашиот народ знаел да биде гласен многу пати во минатото, така било за време на референдумот во ’91-та година, така било на АСНОМ, на Мечкин камен и Илинден,а така ќе биде и сега на 17-ти октомври.
Масовно да излеземе и да бидеме гласни, овие избори се шанса за промени, шанса за подобро утре, шансата е пред сите нас за да се променат работите, шансата е во вашиот глас, вашиот глас е вашата пркост, вашето НЕ, за тоа тие да крадат и печалат на вашиот грб. Вашето ДА, за иднина, за проекти, за победи,вашето ДА за тоа како треба да ја градиме Македонија и општина Илинден, истакна Мицкоски.
Тој рече дека изборите се шанса народот да се избори за повеќе да се чуе неговиот глас.
Изборите се шанса за тивкото мнозинство, вие пристојните луѓе на кои ви е преку глава да бидете прескокнувани, омаловажувани и тргани на страна,кои имате став за работите, а не ве прашуваат. Да не дозволиме апсолутна власт во рацете на човек кој ја злоупотребува таа власт. Време е за промени и шанса за нова иднина. Време е да се чуе гласот на тивкото мнозинство, на реалниот човек, излезете и гласајте на 17-ти октомври, порача Мицкоски.
Мицкоски порача исто така дека ВМРО-ДПМНЕ има јасен концепт, а тоа е концептот на 3-Пи, промени кои подразбира промена на системот на вредности, второто „Пи“ стои за проекти за развој, прокти за грижа на луѓето и подобрување на инфраструктурата со јасни рокови, и третото „Пи“ стои за победи, победа на духот на малодушноста верба во квалитетот на нашиот народ, на сите етнички заедници, верба дека оваа држава е заедничка и дека работи за сите нас. Доколку ги мобилизираме сите капацитети, тогаш можеме да успееме и да создадеме успешна приказна од нашата Македонија, рече Мицкоски во Илинден.
Нашата порака до вас е, бидете силни, верувајте во себе и сопствената иднина, и создадете нова иднина, иднина на промени, проекти, победи и иднина за која вреди сите да се бориме, и со која сите заедно ќе се гордееме, порача Мицкоски на митингот во Илинден.