Ковачевски како премиер мора да свика состанок со лидерот на опозицијата, подготвен сум во кое било време да разговараме за дата за претседателски избори, за парламентарни избори, што ќе се склучи со Изборниот законик, вели Мицкоски во интервју за „Фокус“.

Во интервју за новиот број на неделникот „Фокус“ кој излегува вечерва, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повикува премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски да свика лидерска средба, на која, како што вели, ќе се разговара за изборниот процес.

–За жал, мора да признаам, ние сме на помалку од 6 месеци од избори, но ова што денес се случува, никогаш не се случувало. Ниту имаме дијалог со владата, ниту се разговара за датум, ниту за завршна верзија на Изборниот законик, а многу се јасни препораките на ОДИХР дека 6 месеци пред изборите треба да биде затворен ИЗ. Ниту, пак, се упатува покана за набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

Ја користам и оваа можност да ги повикам на одговорност зашто не се само влада за едно прашање. Тоа прашање помина, ќе се затвори наскоро, не им успеа мисијата за промена на Уставот. Ние имаме и други важни прашања за кои мора да разговараме, не може од страна да ги гледаме процесите, мора да покажеме одговорност.

Димитар Ковачевски како премиер мора да свика состанок со лидерот на опозицијата, подготвен сум во кое било време да разговараме за дата за претседателски избори, за парламентарни избори, што ќе се склучи со Изборниот законик. Знаете, има „помали“ политички партии што бараат една изборна единица… – вели Мицкоски.

Во интервјуто, тој говори и за Законот за амнестија и измените на Кривичниот законик, за процесот за промена на Уставот и интеграцијата кон ЕУ, за конфронтацијата со Никола Груевски и критиките од Љубчо Георгиевски…