Помеѓу честитките, онаа која можеби најмногу го привлече вниманието на јавноста, беше таа од кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој јавно му изрази поддршка на Мицкоски, со зборовите дека секогаш е на страната на вредните, работливите и амбициозни луѓе.

Очигледно е дека Јанчев и Мицкоски ги оставиле несогласувањата од минатото зад себе, а за ,,Фокус” лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека помеѓу нив двајцата никогаш не ни постоело ривалство.

-Секогаш сум се воздржувал од коментар на изјавите на Митко Јанчев во минатото кога критикувал и кога пројавувал амбиција. Ривалство помеѓу нас никогаш не постоело! Само така можеме да бидеме подобри! Се додека Митко Јанчев е добар градоначалник за кавадарчани, ќе ја има мојата поддршка – појаснува Мицкоски.

Тој беше реизбран за лидер на партијата со 489 гласа од делегатите, а околу тоа како реагира неговото семејство, со оглед на одговорноста која ја носи функцијата, но и времето и енергијата кои треба да ги вложи во истата, вели дека емоциите се помешани.

-За жал, семејството е најголемата жртва поради мојата професија. Помешани се емоциите, радосни за успехот, но истовремено тажни поради тоа што ќе отсуствувам од дома – ни изјави реизбраниот претседател.