За да издејствува уставни измени, владата подготвува валкани дилови, тврди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во изјава за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг” кој објави подолга статија на добриот познавач на регионот, новинарот Михаел Мартенс, кој водел разговор со лидерот на ВМРО ДПМНЕ во врска со пристапот на земјата кон ЕУ.
-Груевски се наоѓа во тајна комуникација со владата. Владата верува дека може да ја подели нашата партија. Но, тоа нема да успее. Направивме сѐ за нашата европска перспектива. Но, нам ни се поставуваат постојано нови барања, вели Мицкоски.
На тоа сега е крај, доколку не биде прифатен неговиот предлог за одложена примена на уставните измени, тогаш нема да има никакви промени на Уставот, дециден е Мицкоски.
Весникот во својата анализа пишува и дека пристапните преговори траат многу години, можни се блокади на многу места – а Бугарија не држи воопшто во тајност дека ќе има натамошни барања.
-Факт е навистина дека бугарскиот претседател Румен Радев, како и националисти во Софија одамна покренуваат дополнителни барања: Северна Македонија мора да ‘признае’ дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот и е само негов дијалект. Скопје мора да ‘признае’ дека Македонците се огранок на бугарскиот народ или барем дека се развиле од него. Мора да ‘признае’ дека Македонците и Бугарите имаат ‘заедничка’ или ‘поделена’ историја. Не смее исто така да се тврди дека бугарската окупација во Втората светска војна била окупација – така гласат некои од овие очекувања. Се бара дури и промена на натписите во музеите и на спомениците. Софија сака во соседната земја да воведе задолжителен државен наратив или да пропише широка лепеза на дозволени интерпретации, па дури и да изврши влијание врз пишувањето на македонските учебници, пишува весникот ФАЦ.