Изјавата на министерот за здравство, Фатмир Меџити, во интервјуто за „Макфакс“ каде кажа дека пациент кој барал „трикафта“ правел шоу – за лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски е срамна. Тој му порача дека е министер за здравство, а не за циркус. Истовремено, излезе и со тврдење дека има докази како во веледрогерии се бараат провизии во име на Меџити.
„Срамно е тоа што го коментира министерот за здравство, бидејќи тие луѓе се борат да преживеат. Тој е министер за здравство, а не министер за циркус за на тој начин да коментира“, кажа Мицкоски.
Тој му порача на Меџити, како што рече, да си ги прибере луѓето кои бараат провизии по веледрогерии.
„Имам совет да си ги прибере луѓето што ги има пуштено по веледрогериите и во негово име бараат провизија од тие веледрогерии кои соработуваат со Министерството за здравство. Идната Влада ќе се позанимава со индициите и доказите со кои располагаме“, додаде Мицкоски.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити не признаваше дека нема „трикафта“ за сите пациенти со цистична фиброза. Тој тврдеше дека дури сега се финализира протоколот кој ќе треба да покаже кои пациенти ќе треба да го примаат овој лек кој го стопира прогресирањето на болеста. Зборуваше и за случајот на пациентот Игор Пехчевски кој постојано бара терапија со „трикафта“, кого го обвини дека правел шоу.