Ова се избори на кои се одлучува во каков правец ќе продолжи нашата Македонија. Овие избори точно е дека не се парламентарни, но се многу важен тест каква порака ќе испратите. А зошто е важна пораката? Затоа што знаете дека не се живее подобро. Затоа што болна и мачна е реалноста. Зошто го одземаат човечкото достоинство, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митигнот во Кавадарци.

Тој посочува дека на претставниците на власта не им текнува да понесат одговорност кога грешат, ама им текнува да го прошират сопствениот комодитет.

„Го гледаме пред некој ден Зоран Заев во Демир Хисар и Ресен како мерцедесот го заменил со приватно BMW, арно ама тоа вреди колку неколку стотици тона јаболка и грозје кои јаболкарите и лозарите не ги добиваат. Вреди 100 илјади евра, додека болните од корона ги пикаат во модуларни болници кои горат за 2 минути. Вреди колку неплатената мака на тутунарите, вреди колку неисплатените плати во Колска и Еурокомпозит. Вреди многу и народот го чини многу“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека власта ја крие тивката инфлација преку која се ограбува народот.

„Мината година килограм зејтин беше 67 денари, оваа година е 97 денари. Минатата година литар млеко беше 45 денари, оваа година е 55 денари. Минатат година килограм брашно беше 34 денари сега е 40 денари. За бадијала лажно се фалат дека платите се покачувале кога цените одат нагоре. Народот има помалку. Ама важно велат дека биле најдобри. Еве ќе кажам во што се најдобри. Најдобри се во корупција и криминал. Најдобри се во несправувањето со корона. Прва сме држава по смртност во Европа. Најдобри се во неспособност. Се уште чекаме пред портите на ЕУ. Најдобри се во лажење и неостварени ветувања“, кажа Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ укажа дека се најдобри по афери и скандали.

„Никој во оваа земја не одговора за криминал. Оставките, и оние ретко кои ги има се даваат како амнестија за стореното дело. Ден Дончев, Лидија Димова, Боро Малборо, Рашковски, Павле Богоевски…, списокот нема линија. Кој од овие одговaраше? Буквално никој, нема никаква одговорност“, посочи Мицкоски.