Ако бандитска група упадне на аеродромот во Вашингтон , Париз или Берлин, лицата веднаш би биле уапсени или ликвидирани, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со упадот на Македонската навигација кој се случи пред три дена. Според него, по Новата година, секој ден се случува по некој скандал во државата.
„Секој ден имате по еден скандал кој кулминираше со ова дивеење на онаа бандитска криминална група која упадна во просториите на Македонска навигација. И она партиско октроирано обвинителство и судство кое тоа го помина како небаре да станува збор за некој кој позајмил десетина ќебапи од ќебапчилница“,посочи Мицкоски.
Според него, станува збор за скандали кои укажуваат дека се потребни итно промени.
„Жалосно и трагично е ова што се случува. И затоа ни се потребни промени да не ни се случуваат вакви бандити, односно ако се случат веднаш да бидат санкционирани и казнети“,вели Мицкоски.