Видете ова со лажните дојави за бомби само покажува уште еднаш колку ни е системот поразен и колку ни е системот нефункционален, односно раководните лица кои што функционираат во тој систем, кои што ги раководат институциите се неспособни да ги раководат правилно онака како што треба, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето интервју за МТВ во врска со заканите со бомби.

Мицкоски во своето интервју укажа дека повеќе од јасно е дека Пендаровски, Ковачевски и Спасовски се крајно неспособни и нивното функционирање е катастрофално. Имено Мицкоски посочи дека во врска со цела оваа ситуација потребно е Пендаровски да го свика Советот за безбедност.

Пендаровски наместо да го свика Советот за безбедност одлучи да делува како аналитичар и цело време тој е згрозен, тој цело време е збунет, цело време е шокиран и така натаму, но без да каже ништо конкретно. Кога станува збор пак за Ковачевски и Спасовски се е кажано, мислам дека јавноста се знае и нема потреба што дополнително јас да кажувам бидејќи нема да кажам ништо ново ако кажувам дека тие луѓе се крајно неспособни и дека нивното функционирање, начин на работење е катастрофално, тоа го кажуваат и граѓаните на јавните мерења. Тоа практично го чувствува и секој еден човек во Македонија. Така што да сублимирам овие би рекол лажни бомби или би рекол овие инциденти само ја покажуваат уште еднашка нефункционалноста на системот и неспособноста на раководните лица кои што ги раководат институциите кој што се дел од тој систем, рече Мицкоски.

Мицкоски порача дека политичарите од власта не прават ништо за да се надмине овој проблем и дека треба да си заминат и да дојдат луѓе кои што знаат како да се справат со овие предизвици.

Се сеќавате на она момче кое што беше уапсено дека наводно тој е човекот кој што ги испраќал овие лажни дојави за бомби кој што беше сведено на ниво на комедија, на пародија практично, сето тоа функционирање на МВР и истражните органи за да истата вечер истото тоа момче биде ослободено. Така функционира системот, несериозни луѓе, луѓе без визија којшто се водат само од лични интереси прават таков тип на комедија и пародија во функционирањето на институциите. Јас не сум од оние луѓе кои веруваат во теории на заговори, па поврзуваат дека ова е некаков си хибриден напад, па ќе се формираат некакви си тела за справување со хибридни напади. Едноставна е работата, имаме систем којшто е поразен и нефукционален и луѓе неспособни кои што го водат тој систем, треба да си заминат, треба да дојдат луѓе кои што знаат како да се справат со овие предизвици бидејќи е срамота не само за државата, туку срамота е што оваа држава како членка на НАТО прави проблем на останатите земји во НАТО бидејќи знаете системот односно синџирот е силен онолку колку што најслабата алка во него е силна, ако сме ние таа најслаба алка системот нема да се скине кај најсилните алки, ќе се скине кај најслабата алка. Така што ова навистина е аларм и за нашите партнери во НАТО алијансата, така што не треба како политичар честопати устата да ви е полна со НАТО-ЕУ-НАТО-ЕУ туку да видиме што правите вие за да ги спроведете тие вредности. Очигледно дека нашиве политичари не прават ништо, додаде Мицкоски.