Замрзнувањето на цените како мерка за борба против инфлацијата е антитеорија, антипракса и антиекономска мерка, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Мислеа дека ако дневно прават прес-конференции со замрзнување на цените ќе се борат против инфлацијата, но тоа не оди така. Денеска ги замрзнуваат цените, а утре ги одмрзнуваат и се додека продолжуваат со ваква политичка гимнастика ќе им се удира од глава. Потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство е повеќе од 43.000 денари, а имајќи ја предвид и инфлацијата се доаѓа до бројка од над 50.000 денари што е многу повеќе од две просечни плати – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Зрновци и додаде дека повеќе половина милион луѓе во земјава живеат со 150 денари на ден.
Според него, еден ден замрзнуваат цени за два дена потоа под притисок на тие луѓе, кон кои, како што кажа, имаат концесија и како луѓе и како политичари повторно да имаат нова седница на Владата и да ги одмрзнат цените на истите производи.
Затоа кога предлагаме предвремени избори мислиме токму на оваа работа. Не е тоа борба за власт, туку борба за подобар живот, односно да сопре процесот на стагнација и на криминал и пљачка и конечно Македонија да почне да се развива онака како што и доликува – посочи Мицкоски.