Терминалот за течен природен гас (LNG) во грчкиот град Александруполи утре ќе го посети грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис заедно со други лидери од Балканот, а според информациите на дописничката на МИА од Атина, меѓу нив ќе биде и претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски.
Грчкиот премиер за време на владината седница во петокот ја соопшти посетата и ја истакна важноста на конкретниот терминал кој, како што рече, ќе помогне во диверзификација на изворите за снабдување со природен гас, не само за Грција туку и за регионот.
–Во вторник заедно со други лидери од Балканот ќе бидам во Александруполи на новиот терминал за складирање и гасификација на течен природен гас, многу важен инфраструктурен проект кој во комбинација со други иницијативи, за помалку од 20 месеци ќе ни даде можност целосно да ги диверзифицираме нашите извори за снабдување со природен гас, не само на нашата земја, туку и на целиот Балкански полуостров, рече Мицотакис.
Во Александруполи, заедно со грчкиот премиер, ќе присуствува и премиерот Ковачевски.