За време на владината седница, Мицотакис рече дека им се обраќа на граѓаните со план во две фази: првата, пред празниците со масовно тестирање, а втората по Нова година со можност за дополнителни мерки во зависност од ситуацијата со пандемијата.

Рече дека првиот чекор е „безбедно да се поминат празниците, без да се замрзнат економијата и општеството, но и без подоцна да се плати цената од активностите од овие денови“ и додаде дека главното оружје во овој период е тестирањето

-Вистина е дека добив препораки за задолжителен рапид тест за сите за влез во просторите за забава. Ги отфрлив, бидејќи сметав дека една таква мерка ќе биде неправедна за вакцинираните и на крајот ќе биде многу тешко да се спроведе. Па така, наместо да им наметнам нешто на сите, избрав да им верувам на сите. И токму за оваа цел државата ќе обезбеди уште два бесплатни селф тестови за целото население. Со препорака првиот да се користи за време на празниците, а вториот веднаш по Нова Година, објасни Мицотакис, повикувајќи ги граѓаните да се тестираат пред празничните масовни собири.

За бесплатните селф тестови кои се веќе пракса во Грција, Мицотакис објасни дека досега, државата обезбедила речиси 80 милиони во висина од околу 150 милиони евра.

Говорејќи за втората фаза од владиниот план рече дека се однесува на периодот по празниците, односно на првите седмици од 2022 година и во зависност од текот на пандемијата, на располагање се низа опции, а како пример ги спомена работа од дома, работното време на угостителските објекти и ноќните клубови, но не и затворање на училиштата.

Паралелно истакна дека сè ќе зависи од тогашните податоци и епидемиолошката слика во земјата и „сè уште не е донесена никаква одлука“.

-Пораката оваа година е дека најдобрите празници се безбедните празници. Во моментов не ни требаат нови мерки. Доволно е, потенцирам, да се запазат мерките што веќе постојат. Со чести контроли, забрзување на вакцинациите, особено со бустер дозата и како што кажав со многу селф тестови, за ние самите да можеме да си ја контролираме состојбата на нашето здравје, истакна Мицотакис, говорејќи на денешната владина седница.