Националните избори во Грција ќе се одржат на 21 мај, најави премиерот Киријакос Мицотакис на денешната владина седница, пренесе Катимерини.

„На земјата и на нејзините граѓани и требаат јасни хоризонти“, рече Мицотакис пред кабинетот. „Националните избори ќе се одржат во недела на 21 мај“, рече тој.

Главна тема на денешната владина седница е презентирањето на активностите за државната администрација од страна на министерот за внатрешни работи Макис Воридис и заменик министерот за финансии Теодорос Скилакакис.

По железничката несреќа во Темпе расте вознемиреноста и политичкото незадоволство, нема јасни победници, а бројот на неопределените гласачи се зголемува: Според најновата анкета на Пулс за телевизијата Скај, тие се 12,5%, наспроти 9,5% само еден месец порано.

Очигледно, ова се должи на незадоволството од Нова демократија (НД) (28,5% наспроти 32%), што сепак значи добивка за СИРИЗА (стабилна на 25%), а што се однесува до ПАСОК, тој покажува благ пад (9,5% наспроти 10,5 %).

Мицотакис рече дека доколку не може да формира еднопартиска влада, тој е отворен за соработка со ПАСОК. Но со оглед на ставот на ПАСОК „ни Мицотакис ни Ципрас“, опциите за договор може да бидат крајно ограничени, особено ако Мицотакис излезе ослабен по претстојните избори, во кој случај ново гласање би можело да стане неизбежно.