Повеќе од 74.000 неовластени преминувања биле регистрирани на надворешните граници на Европа во првите осум месеци од годинава. Бројката е за 35% пониска во споредба со истиот период во 2025 година, соопшти денеска европската гранична агенција Фронтекс, пренесе ДПА.
Од седиштето на агенцијата во Варшава информираа дека намалување е забележано на речиси сите главни миграциски рути. Според Фронтекс, тоа е резултат на тековната соработка со партнерските земји и превентивните мерки што се спроведуваат во главните земји на потекло на мигрантите.
Агенцијата, сепак, призна дека во извештајот не е опфатено масовното преминување на мигранти од Мароко во шпанската енклава Сеута кон крајот на јули. Конечниот број на преминувања веројатно нема да може да се утврди, бидејќи повеќето од лицата што ја минале границата се вратиле во Мароко пред да бидат регистрирани.
Според шпанската Влада, кон крајот на јули во енклавата привремено влегле околу 80.000 луѓе. Мароканските власти, пак, го проценија бројот на пристигнати на околу 40.000. При обидите да стигнат до Сеута загинале 83 лица.
Инцидентот отвори дебата за заштитата на надворешните граници на Европската Унија и за одговорностите на Шпанија.
Извори од Фронтекс изјавиле дека, иако состојбата на надворешните граници на ЕУ во текот на летото била мирна, случајот во Сеута покажал дека ситуацијата може да се промени за само неколку часа.
Од агенцијата предупредуваат дека шверцерските мрежи не исчезнале со намалувањето на бројот на мигранти. Според Фронтекс, шверцерите на луѓе само ја чекаат следната можност, а токму во таков момент агенцијата мора да биде подготвена.
Податоците на Фронтекс покажуваат дека главните миграциски движења и натаму се одвиваат преку Средоземното Море, кое мигрантите се обидуваат да го преминат со бродови. Источната медитеранска рута од Турција кон Грција и централната медитеранска рута од Либија и Тунис кон Италија и Малта заедно сочинуваат речиси 60 отсто од сите регистрирани нерегуларни влезови.
