Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и лидерот на ДПА Мендух Тачи, се осудени на две години затвор за случајот „Титаник 2“. Пресудата денеска беше објавена во Кривичниот суд, а истата затворска казна им беше изречена и на обвинетите поранешни членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска.
Кривичното дело за кое е осуден Мијалков, „Примање награда за противзаконито влијание“, му застарува за три месеци, или во април 2023 година. Тој се гони за учество во изборни нерегуларност на локалните избори во 2013 година.
За овој случај Мијалков веќе еднаш беше осуден на тригодишна затворска казна, но првостепената пресуда беше укината од Апелација, по што судењето се врати од почеток.
Според обвинението, Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.