Апелацискиот суд Скопје денеска соопшти дека обвинението за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков го одбива, а врз основа на измените од Кривичниот. законик. На останатите обвинети, поранешни членови на Изборната комисија, Мендух Тачи, Сашо Срцев, Бедредин Ибраими и Влатко Сајкоски затворските казни им ги преиначи во условни.
Апелациониот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет во јавноста познат како Титаник 2, по одржаната јавна седница на ден 15.09.2023 година, а по извршено советување и гласање на ден 29.09.2023 година, донесе пресуда со која делумно ги уважи жалбите на обвинетите М.Т., Б.И., В.С., С.С..и пресудата на Основниот кривичен суд Скопје ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција. Истовремено, под став II од изреката, по повод жалбите на обвинетиот С.М.,а по службена должност, пресудата на Основниот кривичен суд Скопје ја преиначи во делот спрема обвинетиот С.М. , носејќи одлука со која се одбива обвинението, согласно член 402 точка 6 од ЗКП“, информираа од Апелациониот суд.
Претходно Сашо Мијалков, Мендух Тачи, Сашо Срцев, Бедредин Ибраими и Влатко Сајковски беа осудени на затвор од по 2 години.
Случајот Титаник 2 се однесува на изборни нерегуларности. Според обвинението на поранешното СЈО, Мијалков нарачал преку лидерот на ДПА Мендух Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев кандидат од ВМРО-ДПМНЕ на штета на тогашниот кандидат за градоначалник од СДСМ, Зоран Заев.