Фудбалерите на Милан и Њукасл одиграа без голови 0-0 на „Сан сиро“ на отворањето на новата сезона во Лигата на шампионите.

Првото полувреме ни донесе убав и отворен меч во кој и двата тима имаа свои шанси, а Леао ја имаше најубавата кога нанижа неколку фудбалери, но на крајот се посрамоти обидувајќи се да постигне гол со пета. На крајот и покрај големиот број шанси, мрежите мируваа, а на пауза се замина со најнепопуларниот резултат. Во вториот дел падна темпото, а иако домаќините беа за нијанса подобри не успеаја на крајот да стигнат до полн плен.

Во вториот натпревар од програмата од 18.45 часот бундеслигашот Лајпциг славеше на гостувањето кај Јанг Бојс со 1-3. Гостите поведоа со 0-1 уште во 3. минута од мечот со погодокот на Симакан. До крајот на првиот дел беше 1-1 откако за домаќините стрелаше Елиа во 33. минута. Лајпциг до ново (1-2) на овој натпревар стигна со погодокот на Шлагер во 74. минута, додека конечните 1-3 беа дело на Шешко во 92. минута.