Селекторот Јошко Миленкоски очекува вечерашниот дуел на македонските одбојкари против Црна Гора да биде уште потежок од воведниот на Европското првенство во Скопје, но убеден е дека со мотивација, борба и верба во сопствените квалитети на крајот нема да изостане победата.

– Помина еден од потешките натпревари на ЕП, почетниот, кој секогаш создава поголем притисок дека мора да се добие. Тоа не беше лесно да се издржи, но следи натпреварот со Црна Гора. Не знаеме кој натпревар е потежок. Според мене, Црна Гора можеби како противник е полесен, но како натпревар е потежок затоа што фактички ќе биде одлучувачкиот за нашиот пласман во следниот круг, изјави Миленкоски.

По стартната победа над Данска, избраниците на Миленкоски со триумф над Црна Гора речиси сигурно ќе го обезбедат пласманот во осминафиналето, а селекторот е оптимист.

– Сигурно дека ќе играат растоварено, квалитет поседуваат, но останува на нас овој натпревар повторно да го одиграме со студени глави и да ги поправиме грешките кои ги покажавме на дуелот против Данска. Оптимисти сме, имавме два дена одмор, ќе влеземе свежи и орни за борба, бидејќи само борба, верба во сопствениот квалитет и мотивација е рецептот кој треба да нè води кон еден конечен добар резултат, порача Миленкоски пред вечерашниот дуел од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во рамки на 2. коло од групата Ц. 

(МИА)