Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски даде свое видување за денешната ждрепка за квалификациите за пласман на Европското фудбалско првенство во 2024 година.

„Црвено-жолтите“ за ривали во Ц-групата ги добија: Англија, Италија, Украина и Малта.

– Ја добивме најтешката можна група. Веројатно и сами да биравме, посилни противници немаше да можевме да избереме. Но, ние веќе се навикнавме на ваква среќа. Ги добивме финалистите од последното Европско првенство и апсолутни фаворити за првите две места во групата. Се разбира дека ќе ја бараме нашата шанса и ќе се обидеме да останеме конкурентни до самиот крај, а објективните околности ќе покажат дали може да се надеваме на висок пласман. Групата е пеколно тешка, а такви ќе бидат и натпреварите. Наше е да веруваме во себе, истакна Милевски.

Квалификациите ќе се играат од март до ноември 2023 година.